ЗНM: Судот во Стразбур пресуди во корист на „Фокус“ во случајот против Сашо Мијалков

by Fokus

Оваа пресуда од страна на Европскиот суд за човекови права во Стразбур доаѓа откако домашните судови пресудија дека уредничката на ,,Фокус” Јадранка Костова и новинарот Владо Апостолов треба да му платат над 9000 евра штета на ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков за изнесена клевета и навреда. Според пресудата на Стразбур, која беше објавена денеска, правосудните органи во Македонија го прекршиле членот 10 – слобода на изразување од Европската конвенција за човекови права, а на тужителите, уредничката Костова и новинарот Апостолов им е одредена нематеријална штета од 3000 евра односно 1250 евра.

Апликацијата беше поднесена во 2016 година, откако новинарите пред домашните судови беа осудени за клевета и навреда на тогашниот директор на УБК, за што му платија штета од над 9000 евра. Текстовите беа објавени во сега згаснатиот дневен весник „Фокус“, каде што беа пренесени изјави од поранешниот амбасадор на Чешка, Игор Илиевски, кој тврдеше дека бегал од Чешка поради притисоците од Мијалков. Постапката ЕСЧП беше застапувана во име на новинарите од страна на адвокатската канцеларија Медарски од Скопје.

ЗНМ во 2014 година сметаше дека одлуката на судиите Лидија Димчевска, Станка Зафировска и Енвер Беџети сериозно ја прекршува слободата на изразувањето и ги одвраќа новинарите да пишуваат за евентуални злоупотреби на власта, додека изречените надоместоци за нематеријална штета се превисоки и непропорционални на стандардот на македонските новинари.

ЗНМ тогаш апелираше дека судот воведува неприфатлива пракса новинари да се осудат за клевета заради пренесена изјава. Ако новинарите ги проверуваат фактите на секоја изјава, како што бара судот, тогаш најголем дел од изјавите на јавни личности, не треба да се објавуваат.

Во 2014 година во контекст на овој случај ЗНМ успеа за помалку од десет дена преку солидарната акција да собере најголем дел од потребните 9000 евра колку што новинарите на весникот ,,Фокус” треба да му исплатат на директорот на УБК Сашо Мијалков за нанесената нематеријална штета.

Поврзани новости