Здружението на новинари на Македонија денеска поднесе барање за кривично гонење до Основното јавно обвинителство против актерот и уметнички директор на Македонскиот народен театар, Тони Михајловски, поради заканите изречени кон познатиот новинар и колумнист Бранко Тричковски.
Михајловски неодамна на својот Фејсбук профил напиша: „Би можел да го убијам Бранко Тричковски и око нема да ми трепне“.
Од ЗНМ сметаат дека Михајловски со тоа ги повредил членовите 144 и 394 од Кривичниот законик за што се предвидени казни од една до пет години, односно од три месци до три години.
„Се надеваме дека обвинителството ќе ги цени нашите докази и ќе покрене истрага против Михајловски. Новата влада има законска и морална одговорност јавно да ги осуди ваквите закани и да воспостави ефикасен систем за казнување на насилството против новинарите. Одговорност на владата е да гарантира безбедна средина за работата на новинарите“, изјавија од ЗНМ.
Воедно, тие ќе побараат од министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, и дисциплински да го казни Михајловски поради неговите контроверзни ставови бидејќи како човек од културата што го следат голем број приврзаници на социјалните мрежи создава лош имиџ за оваа област.