Во предлог законот за клевета и навреда, во моменталната верзија, во дефиницијата за навреда се вели дека ќе се одговара и за изразување на „негативно мислење“. Оваа дефиниција е нова и се разликува од постоечкиот закон, а на начинот на кој е дефинирана остава простор за погрешно толкување од страна на граѓанскиот суд на штета на слободата на изразување, реагираат од Здружението на новинари на Македонија и бараат дефиницијата за навреда соодветно да се коригира на начин што ќе се врати старата дефиниција од законот од 2013 година.
-Иако во локалната судска пракса предметите кон медиумски работници се пред се за клевета и речиси да нема за навреда, ваквата дефиниција доколку не се измени може да поттикне во иднина бран на тужби кон новинарите само за искажано мислење што во основа е спротивно со начелата на слободата на изразување и правото на информирање на граѓаните, реагираат од ЗНМ.
Текстот на овој Предлог закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета е во фаза на прво читање во Собранието од јули 2021 година. Истиот текст, посочуваат од ЗНМ, предвидува значително намалување на нематеријалната штета за новинарите и медиумските работници како барање што ЗНМ претходно го имаше кон Министерството за правда.