ЗНМ бара итна реакција на МВР за нападот на новинари и снимател во Скопската чаршија

by Fokus

Министерството за внатрешни работи (МВР) да спроведе брза и ефикасна истрага за нападот на нашите колеги, бараат од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) откако телевизиска екипа на ТВ Алсат, извршувајќи ги своите работни задачи, беше нападната во Старата скопска чаршија.

Екипата на ТВ Алсат беше нападната во Скопската чаршија, а снимателот се здобил со повеќе повреди.

Реакцијата на ЗНМ следува откако од Алсат претходно денеска објавија оти екипа од две новинарки и снимател, вработени во телевизијата, биле нападнати од сопственик на продавница во Скопската чаршија.

„Според изјавите на нашите колеги, додека снимале инсерти во чаршијата за потребите на емисијата, од еден од дуќаните излегол сопственикот, бербер со ножици и им се обратил со вербални навреди и закани по живот, при што на снимателот му нанел видливи повреди на главата. Заканите по живот се кривични дела предвидени во Кривичниот законик, а МВР и ОЈО треба итно да ги истражат и процесираат со цел да ги казнат оние кои го прекршуваат законот, но и да превенираат евентуални вакви кривични дела во иднина“,  соопшти ЗНМ.

Од Здружението додаваат и дека контактирале со Ера Ѓакова, една од новинарките која била цел на нападот. Таа ја опишала ситуацијата како непредвидлива и многу вознемирувачка, особено за нападнатиот снимател, но и за нејзината колешка Сара Хоџа на која ова не ѝ било првпат да биде нападната.

По нападот на телевизиската екипа, во чаршијата пристигнала и полицијата, но во меѓувреме напаѓачот ја затворил продавницата и заминал од местото на настанот.

Поврзани новости