ЗНМ бара истрага за Јакимовски поради навредите и заканите кон новинарот Чомовски

by Фокус

Здружението на новинари ги осуди наврадите кои вечерва лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски ги упати кон новинарот Горазд Чомовски поради интервјуто со Христијан Мицкоски во емисијата „Трилинг“ на ТВ 24. Од ЗНМ најавуваат дека ќе бараат МВР да спроведе истрага со оглед дека, како што велат, онлајн-заканите кон новинари претставуваат кривично дело.

„Јакимовски со погрдни зборови, какви што не доликуваат на еден политичар и поранешен градоначалник, го навредуваше Чомовски, па дури и го прекори Мицкоски зашто не го потегнал за уши и да го извади надвор. Истакнуваме дека е посебно опасно по безбедноста на новинарите да се упатуваат навреди и закани кон нив, без разлика дали заканите доаѓаат од страна на челници на големи или мали политички партии“, велат од ЗНМ, од каде предупредуваат дека со вакви повици за насилство може да се мотивира дел од партиското членство да посегне по безбедноста на новинарите.

Инаку, ио интервјуто Чомовски го нарече Никола Груевски криминалец и направи споредба меѓу него и Мицкоски, по што лидерот на ДПМНЕ побара извинување, додека Чомовски возврати дека извинувањето ќе почека друга прилика. Во однос на тоа, Јакимовски напиша фјсбук статус:

„Каква дрскост од оној Алија Малишановиќ – Горазд Чомоски. Кај нас во село велат видел на таквото урда па веднаш ќе прави бачило. Со направени неколку интервјуа си помисли кој знае кој е. Зошто е тоа така? Па затоа што е во друштво на арогантната власт што би рекле со Крокодилите. За жал со своето фациче наликува на жаба која се наоѓа меѓу очите на крокодилот и се поистоветува со него. Кога тој ќе ја отвори устата и кутрата жаба ја отвора мислејќи дека и таа ќе голтне голем плен, мислејќи дека и таа е крокодил. Во право се кога велат дека образованието ни ја уништува амо образовната, но не и воспитната компонента. Универзитетот дава образование, но не и култура и воспитување. Воспитувањето го даваат родителите. Онакво арогантно однесување со одбивање да се извини на повозрасен Господин од него, универзитетски професор и лидер на опозицијата и тоа во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ е незапамтено. Му честитам на Христијан на смиреноста, инаку малиот заслужи да го фати за прчестите ушиња малку да го поподигне и така на прсти да го исфрли во ходникот како што некогаш правеа учителите“.

Поврзани новости