Игор Филков и Горан Минчев се предложени за министри во Министерствата за правда и за јавна администрација од редовите на движењето ЗНАМ. Имињата за членови на новата влада од партијата на Максим Димитриевски се утврдени на вечерашната седница на партискиот Централен одбор.
Портпаролот на движењето ЗНАМ, Никола Мемов, соопштувајќи ги имињата на нивните кандидати за министри даде и нивна кратка биографија.
За скопјанецот Филков, роден 1979 година, кој е и претседавач на Централниот одбор на движењето ЗНАМ и член на Извршниот одбор, Мемов додаде дека е приватен стопанственик, управител на компанијата „Спектрум медикал“ од Скопје, а претходно бил надворешен соработник на проектот на ФАО-Канцеларија Скопје.
За Минчев, роден 1972 година во Скопје, кој е дипломиран економист, генерален секретар на движењето ЗНАМ, Мемов потести дека е и поранешен пратеник во периодот 2008-2014 година, оти бил директор на Службата за општи и заеднички работи во перидот 2003-2006 година и заменик-директор на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ од 2002 до 2003 година.
-Се разговара за заменици-министри, државни секретари, а исто така отворени се прашањата и за четвртиот и петтиот ешалон. Но, се уште нема договор за тие позиции. Се разбира во јавноста прво ќе бидат обзнанети позициите што сме ги договориле со коалиционите партнери во владата, а потоа низ интерна партиска постапка ќе бидат дефинирани и носителите на функции – рече Мемов.