Пратеничката група на Движењето ЗНАМ денеска обвини дека СДСМ, ДУИ и Левица се обидуваат да ја опструираат работата на Собранието и носењето на важни закони.
Координаторот на пратеничката група на ЗНАМ, Бобан Карапејовски попладнево на прес-конференција во Собранието рече дека вакви обиди ќе има и понатаму, но дека како пратеничка група тоа нема да го дозволат.
– Вчера овие партии успеаја да го обесмислат институтот опозициски пратенички прашања на тој начин што наместо самите да ги поставуваат прашањата, бараа паузи и одлагање на седницата. Денес, пак, најпрво Левица побара пауза, а ние мислевме дека тоа е за да ја соберат својата пратеничка група и да бидат присутни. По паузата ниту еден претставник на политичката партија Левица не беше присутен. Веднаш потоа нивниот главен коалициски партнер ДУИ повторно побара пауза, наводно затоа што не биле материјалите преведени и на албански јазик, иако сите се уредно преведени. Сега очекуваме нивниот најмал коалициски партнер СДСМ да побара пауза. Главната цел зошто ова го прават е друга – опструкција на работата на Собранието и на многу важни закони кои што се на дневен ред, а со кои ќе се одблокира процесот со кој околу илјада инспектори во државните инспекторати да си ја земат платата. Вчера да не ги правеа овие опструкции, најверојатно веќе денес овие инспектори ќе си ја земеа платата. Оваа коалиција која се официјализира во Собранието ни покажува дека не само во врска со ова, туку и за многу други теми заедно ќе соработуваат и понатаму ќе се обидат да ја опструираат работата на Собранието и целата реформска агенда, рече Карапејовски.
Пратениците од македонската опозиција на почетокот на денешната собраниска седница реагираа во однос на тоа што седниците се закажуваат во последен момент и дека се закажуваат во петок кога обично имаат средби со граѓани.