„Дали Максим Димитриевски ќе биде новиот Тито Петковски?“ – текст со ваков наслов „Фокус“ објави во средината на ланската година, поточно во јули 2023, кога ЗНАМ беше политичко движење, но се уште не беше формирано како политичка партија.
„И двајцата одлучија да започнат нови политички проекти поради неостварени амбиции и внатрепартиски конфликти во СДСМ. На локално ниво, Димитриевски веќе соработува со ВМРО-ДПМНЕ, па времето ќе покаже дали двете страни ќе направат постизборна коалиција на централно ниво. Тоа своевремено го направи Петковски, но за 2 години се врати во старото јато“, пишуваше тогаш „Фокус“.
Во меѓувреме, ЗНАМ се конституираше како политички субјект на чело со кумановскиот градоначалник Димитриевски и настапи на двојните избори, така што на претседателските избори освои над 83 илјади гласови, додека на парламентарните избори освои 56 илјади гласови и 6 пратенички мандати. Веќе нема дилеми дека ЗНАМ ќе биде дел од новата влада, само се преговара за ресори и кадровски решенија.
–ЗНАМ очекува од овој парламентарен состав многу. Како потенцијален партнер во идната власт ќе дадеме придонес во политичкото делување. Разговараме за имплементанција на нашите програмски определби во идната власт – рече Димитириевски пред почетокот на конституитивната седница на новиот парламентарен состав, кога Африм Гаши беше избран за спикер со гласовите на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ, со што всушност се исцрта идното мнозинство.
Практично, со веќе извесното учество на ЗНАМ и Димитриевски во новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, се потврдува споредбата со НСДП и Петковски, иако, се разбира дека оваа аналогија не може да се прави во целост. Сепак, според Димитриевски и неговите поддржувачи, не може да се прави никаква споредба меѓу ЗНАМ и НСДП.
–Не може да се направи споредба, зашто НСДП излезе од СДСМ и притоа се етаблираше на парламентарни избори, а ние имаме претходна потврда од граѓаните. Излеговме на локални избори и издвоивме убедлива победа, 2,5 години имплементираме програма. Затоа, битно е овој момнент да се избега од политиката и да се насочиме кон работа – вели Димитриевски во едно интервју.
Но, исто како и Димитриевски, и Петковски своевремено се отколони од СДСМ и ја формираше НСДП, по што постигна респектабилен изборен резултат, освојувајќи 7 пратеници, и направи коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, тогаш предводена од Никола Груевски. Но, оваа политичка љубов траеше само 2 години, до следните избори во 2008 година, кога двете партии ја прекинаа соработката, а НСДП се врати во старото јато на СДСМ.
За потсетување, пред да ја формира НСДП Петковски не ја доби довербата повторно да биде претседателски кандидат на СДСМ, откако на претходните избори буквално му беше украдена победата од Борис Трајковски и ВМРО-ДПМНЕ. Наместо него, во претседателката трка одлучи да влезе тогашниот сдсмовски лидер и премиер Бранко Црвенковски.
Што се однесува до Димитриевски, пак, тој долго време беше во одреден конфликт со централата, која тактизираше со неговата кандидатура за втор градоначалнички мандат во Куманово, иако некои истражувања го исфрлуваа како најдобар градоначалник заедно со Арбен Таравари (Гостивар) и Митко Јанчев (Кавадарци). Во таква ситуација, одлучи да истрча како самостоен кандидат и успеа да победи.
Кога Петковски го почна новиот политички проект, СДСМ беше на власт, а ВМРО-ДПМНЕ во опозиција, додека исто беше и кога тоа го направи Димитриевски. Дека тој може да го следи патот на Петковски, што би значело постизборна соработка со ВМРО-ДПМНЕ, укажуваше и што тоа двете страни веќе имаа соработка на локално ниво, каде вмровски кадри предводат општински јавни претпријатија.
На последните локални избори, ВМРО-ДПМНЕ официјално го поддржа Димитриевски во вториот круг, кога тој се соочи со кандидатот на СДСМ, Оливер Илиевски. Меѓутоа, има индиции дека соработката била воспоставена малку поодамна. Имено, кандидатот за кумановски градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Михајловски, во една прилика јавно обвини дека матичната партија го предала и цело време играла на картата на Димитриевски, со цел да создаде проблеми со СДСМ.
Засега, политичката траекторија на Димитриевски има многу сличности со онаа на Петковски, особено откако се повторува сценариото десничарското ВМРО-ДПМНЕ на Мицкоски после избори да формира мнозинство со левичарот Димитриевски, како што порано му успеа на Груевски со Петковски. Времето ќе покаже дали соработката меѓу Мицкоски и Димитриевски ќе трае или ќе заврши брзо и неславно, како што впрочем се случи меѓу Груевски и Петковски.
Според одредени информации, ЗНАМ во идната влада треба да го предводи министерството за правда, а за идна министерка неофицијално се споменува поранешната пратеничка на СДСМ Весна Бендевска. Воедно, ЗНАМ треба да го предводи и реформираното министерство за администрација. Партискиот лидер Димитриевски вели дека останува на градоначалничката функција и дека нема да прави трансфер во владата.
Влатко Стојановски