ЗНАМ денеска до својот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ го достави текстот на националната платформа за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии.
Целта, како што истакна потпретседателката на ЗНАМ, Весна Бендевска, е постигнување национален консензус околу клучните работи на внатрешен и надворешен план.
Бендевска изрази подготвеност да разговараат со сите коалициските партнери и да ги објаснат позициите во националната платформа која се состои од девет точки.
-Конечно Македонија е мултикултурно и мултиетничко општество. Движењето ЗНАМ, се обидува да ја врати државата, заедничка Македонија на крушевските принципи, на асномските принципи. Затоа откажувањето, пред да разговараме и да ја соопштиме содржината, е претерано и избрзано. Верувам дека има можност. Сите сме одговорни за иднината на Македонија за нашите нови млади генерации – рече таа.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска изрази подготвеност како партија да ја разгледаат и да разговараат на националната стратегија, нагласувајќи дека без национален консензус нема ниту милиметар поместувања.
-Ние сме подготвени за национална стратегија во секој момент, да го видиме предлогот, да разговараме. Ние и во минатото сме покажале дека како опозиција сме подготвени. Тоа што некој немал слух и одлучил наивно да ги води процесите наспроти интересите на граѓаните и државата, тоа е друг проблем – изјави Мицкоски.