Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, во своето обраќање пред судот за измама во Њујорк, го обвини судијата Артур Енгрон за пристрасност. Тој упати низа остри критики против него.
Трамп, кому му беше забрането да ги даде своите завршни зборови во своја одбрана, сепак ја искористи можноста да се обрати до судот на крајот од граѓанскиот случај и според правилата тој имаше право во обраќањето да ги опфаќа прашањата поврзани со судењето.
„Имаме ситуација кога сум невин. Ме гони некој што се кандидира за функција…не направив ништо погрешно. Треба да ми платат… јас сум измамен“, рече поранешен претседател на САД и го обвини судијата дека не го слушал.
„Знам дека ви е здодевно со ова“, рече Трамп.
Судијата Артур Енгорон, кој претходно го отфрли барањето на Трамп да ги изнесе своите завршни зборови на судењето, првично му дозволи на поранешниот претседател да зборува речиси непрекинато, а потоа го прекина и свика пауза за ручек.
На Трамп му се суди под обвинение од њујоршка обвинителка дека го преувеличувал своето богатство во финансиски документи што ги доставил до банки, осигурителни компании и други.
По пристигнувањето во судницата, тој повтори дека судењето е „лов на вештерки“ и политичко мешање „на највисоко ниво“.
Тој изјави дека за 44 дена од судењето ниту еден сведок не дошол во судница и не рекол дека има измама.
„Целиот овој случај е измислено тврдење за промовирање на политичка агенда. Имаше соопштенија и изјави, но немаше докази“, рече адвокатот на Трамп, Кристофер Кисе во завршните зборови.
Иако Трамп за време на сведочењето во ноември призна дека дал неточни проценки на имотот, неговиот адвокат тврдеше дека тоа е безопасно и дека банките и осигурителните компании кои соработуваа со Организацијата Трамп сè уште профитираат и сакаат да имаат бизнис со Трамп, иако неговото богатство е помало.
Судијата го доведе во прашање аргументот дека Трамп не треба да биде казнет поради тоа.
Во пресрет на судењето, властите одговорија на заканата со бомба во домот на судијата Енгорон. Претставници на судот рекоа дека Енгорон добил закани во неговиот дом во Лонг Ајленд.
Лажната закана за бомба дојде неколку дена по лажно пријавеното пукање во домот на судијата што го води случајот против Трамп во Вашингтон. Во изминатите денови беа пријавени неколку лажни итни ситуации во домовите на американски официјални лица.
Јавниот обвинител на Њујорк, демократката Летиша Џејмс, сака судијата да изрече парична казна од 370 милиони долари и да му забрани на Трамп да се занимава со недвижен имот во Њујорк.