„Беа истакнати сериозни навреди кон мојата личност и интегритет. Сметам дека денеска на разгледување е годишниот Извештај, но како и да е јас штом сум се нафатила на оваа функција пред се и над се знам да се носам и со заканите и со навредите и со се друго што следува“, рече претседателката на Судскиот совет Весна Дамева, во врска со нападите од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница на која се расправаше за Извештајот за работата на Судскиот совет за 2021 година.
Најчесто говореа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои го оценија Извештајот како несериозен документ, а за претседателката на Судскиот совет Весна Дамева посочија дека е избрана на нелегален начин и оти самата ја победила единствената противкандидатка при изборот – Весна Дамева.
Ја обвинија и за непотизам и за злоупотреба на службената положба, бидејќи за генерален секретар на Советот ја поставила сопругата на возачот на нејзиниот сопруг.
Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ рече дека Извештајот е несериозен, фингиран и лажен.
„Живееме во држава во која граѓаните не веруваат дека може да дојдат до правда“, посочи Лефков.
Сите податоци што се поврзани со Судскиот совет, како што кажа, имаат огромно потфрлување со исклучок на делот за плати кој има реализација од над 90 отсто.
Пратениците од опозицијата и порачаа дека и понатаму се однесува како да е во Комисијата за правда на СДСМ и дека ќе сметаат оти сериозно и чесно се зафатила со работата – претседател на Судски совет само ако се заложи да има експресна судска разрешница за случаите Ласкарци, Беса транс и Модуларна болница Тетово во кои имаше бројни човечки жртви.
Побараа самата да поднесе оставка и да се спроведе нова постапка за избор на претседател на Судски совет.
Дамева не одговори на прашањето на опозициските пратеници дали ќе поднесе оставка од морални причини, по одлуката на Уставниот суд и нејзините врски со власта, ниту пак дали се истражени наводите на претходната претседателка на Советот, Павлина Црвенковска, која тогаш изјави дека „идниот претседател ќе биде подобен за оваа судско-бизнис елита.“
Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски ја прекина седницата и најави дека пратениците ќе бидат дополнително информирани кога ќе биде гласањето.
МИА