Проблемите на вработените во Еуроникел Индустри во Кавадарци, комбинатот познат во Тиквешијата како поранешен ФЕНИ продолжуваат, и тие најавија дека денес ќе поднесат барање за стечај на фабриката и ќе бараат обесштетување, односно да им бидат исплатени три неисплатени плати.
Велат дека во комбинатот, кој важеше за еден од најголемите работодавачи во регионот, работеле околу 1.000 лица, плус соработувал со голем број на транспортни компании.
Сите биле оставени без плата три месеци, а само околу стотина луѓе оделе на работа периодов, за да ја одржуваат печката во топла состојба.
Од синдикатот велат дека барањето ќе го поднесат во кавадаречкиот суд.
-Ужасна ситуација, посебно среде зима кога сметките се зголемени. Знаете ли што значи три месеци да се живее без плата? Можете ли да претпоставите како е да се преживува без примања, во неизвесност?
Овде станува збор за околу илјада семејства, имаме деца кои треба да ги нахраниме и да ги образуваме, имаме кредити, оставени сме да молиме за пари кои чесно сме ги заработиле.
Пред два месеца се обративме со отворено писмо до премиерот Димитар Ковачевски, до заменик претседателот на Владата, Фатмир Битиќи, појаснувавме за нашата незавидна ситуација.
Не бараме милостина, туку нашите заработени плати, појаснуваат лица вработени во фабриката, кои изминатиот период излегуваа и на протести, а на почетокот на јануари го блокираа и влезот во комбинатот, и бараа да се најде инвеститор, за да можат да останат на работа.
Како потсетување, лани во декември Комерцијална банка, која беше главен доверител на комбинатот кој се соочуваше со тешкотии во работењето и го стопираше производството, го презема во своја сопственост.
Беше најавено дека комбинатот ќе се продава и дека имало неколку заинтерсирани потенцијални инвеститори.
До пред само неколку години Еуроникел Индустри важеше за позитивен пример во регионот.
–Тоа е компанија која е мотор на економскиот развој и која на околу 1.000 вработени им исплаќа 30 проценти повисоки плати од просекот, истакнуваше поранешниот премиер Зоран Заев.
Вики Клинчарова