Знае ли Груевски дека и тркалото на власта сепак се врти?

by fokus

Текстот е објавен на четврти ноември 2011-та во неделникот „Фокус“ во бројот 853

Пишувал
Нено БОГДАН

Пред неколку денови, во Тунис, за прв пат во неговата историја, се одржаа слободни и демократски избори, на кои победа извојува партијата која се нарекува себеси “Хезб ен Нахда”, или како што нашите медиуми го преведоа “Партија за ренесанса”. Ренесанса е термин што во нашиот јазик дошол од францускиот, каде, пак, дошол од италијанскиот збор „ринашименто“, што буквално преведено значи „повторно раѓање“ или со еден збор – преродба. Во меѓувреме, во Сирија тамошниот режим се соочува со сè поголеми протести на народот, кој е крајно незадоволен од владеењето на сириската гранка на Баас партијата, партија со исто име и ист корен, како онаа на Садам Хусеин што владееше со Ирак, и чие име значи исто така – „Преродба“!

Конечно, после цела деценија, еден наш суд одлучи дека нема никакви правни пречки во Велес да дојде до рестартирање (или „преродба“) на Топилницата, а еве и деновиве се навршуваат стоте дена откако нашата преродбеничка партија по трет пат формираше влада.

Значи, последниве денови, и во светот и во земјава се чини дека сè е во знакот на некаква преродба. Нешто во позитивен, нешто во негативен контекст, па затоа е добар миг да видиме, дали нашата преродба е поблиска по духот и суштината на ренесансата или можеби повеќе ќе покаже сличности со преродбениците од типот на сирискиот и ирачкиот Баас?

РЕНЕСАНСЕН ЧОВЕК ИЛИ ПРЕРОДБЕНИЧКИ ЧОВЕК

Терминот „ренесансен човек“ означува личност која не дозволува да биде ограничена на интелектуален и креативен план, туку се труди да го разбере светот во сите негови форми и начини на егзистирање и функционирање. Во епохата на италијанската ренесанса, луѓето како Леонардо да Винчи, Микеланџело или Галилео не биле само уметници кои сликале или вајале, туку истовремено се занимавале и со наука, и тоа не само со една, туку практично со секоја, од математика и анатомија, преку астрономија и хемија, па сè до физика и ботаника. Истовремено, пишувале романи, песни, драми и филозофски трактати, а кога ќе им се пружела можност, цртале и скици за архитектонски зданија по урнекот главно на архитектурата на Стариот Рим и античка Грција.

На прв поглед, ако се има предвид како нашите преродбеници „шетаат“ од една во друга функција и како се опседнати со тоа во секоја општествена манџа да го пикаат реформскиот им нос и да реформираат и што треба и што не треба, а секако и нивната љубов кон античките стилови на градење, човек би помислил дека нема разлика меѓу преродбеничкиот човек и ренесансниот човек. Ама има, оти едно е суштината, а сосема друго е надворешниот изглед.

Имено, ренесансниот човек се бунтувал против авторитетите, било политички било идеолошки, и барал пред сè слобода на мислата и изразувањето, нешто што да речеме за нашиот типичен преродбеник е не само непожелно, туку и штетно. Оти, ако некој премногу почне да се сомнева во мудроста на авторитетите кои раководат со партијата – нема долго да остане на позиција да преродува.

Воедно, ренесансниот човек сметал дека причините за сите природни и општествени појави треба да се бараат преку рационална анализа, а не вината за земјотресите или сиромаштијата да им се припишува на дејствата на некои натприродни сили. Преродбеничкиот човек за секоја препрека на патот на преродбата не бара рационално објаснение во, на пример, преценувањето на сопствените можности или во погрешната евалуација на меѓународната политичка сцена, туку за сè ги обвинува темните сили и „демоните“ од типот на евроболшевици или соросоиди. Впрочем, исто како главните луѓе во денешна Сирија, кои, наместо да признаат дека самите се криви за бунтот на народот против нив, се убедени дека западните сили во содружништво со домашните предавници сковале заговор за нивно рушење од власт!

ВО ПОТРАГА ПО ПЕРСПЕКТИВАТА

Вистинска револуција во уметноста се случила токму во ерата на ренесансата, кога сликарите се посветиле на изнаоѓање начин со кој што е можно пореалистично ќе ги прикажувале луѓето и пејсажите на своите слики. Во тоа време, особено била значајна потрагата по метод верно да се префрли тридимензионалната реалност на двете димензии на сликарското платно, за што најмногу надеж се полагало во совладувањето на техниката цртање во перспектива.

Благодарение на работата на неколку ренесансни мајстори, пред сè Џото и Ботичели, уште во раната ренесанса повеќе не претставувало никаков проблем да се сликаат исклучително реалистични портрети и пејсажи, при што надарените сликари како Ел Греко, Тицијан и Веласкез, успевале дури и карактерот на моделот да го доловат во портретите што ги сликале. До ден денешен, гледајќи ги луѓето насликани на сликите од тоа време можеме со голема доза на сигурност да погодиме какви биле според менталитетот и темпераментот тие папи, војводи, кралеви и императори, кои големи пари давале на сликарите за да ги овековечат за идните поколенија.

Значи, во ренесансата се ценел оној кој верно трите димензии ќе ги сведел на две димензии, и што пореалистично ќе ја доловел реалноста пред публиката. Во преродбава наша, во која медиумите ја имаат преземено улогата на сликарите, се бара начин трите димензии да се сведат само на една димензија, на една оска на чиј еден крај е лошото, а на другиот доброто. Наместо реалистични ликови добиваме портрети и профили измиени од каква било маана, или пак доколку се црта медиумски портрет за политичкиот непријател, се бара „уметникот“ да направи крајно негативна слика за жртвата.

Така, не постојат веќе луѓе со свое мислење, туку тоа се предавници и странски платеници, а поинаквиот став од оној на власта не се смета за конструктивна критика, туку за знак на најцрно предавство и на најнепомирливо непријателство. Наместо, како во ренесансните слики да се бара, да се сочува секоја нијанса од природниот спектар на бои, во преродбеничково медиумско сликарство се оди на екстремен монохроматизам – или нешто е бело (или барем портокалово), или нешто е црно, или нешто е добро или нешто е лошо, или некој е со нас или некој е против нас.

Исто како во пустината на Сирија и Ирак, каде што сета убавина е концентрирана во оазите, а сите зла се во пустината. Поради екстремните климатски услови во пустинските земји, на некој начин природата го всадува и екстремното гледање на светот кај жителите во таквите земји. Но, во нашиве благопријатни климатски услови, што ли го всадило екстремизмот кај нашите преродбеници? Можеби „ветровите“ од Север? Таму дува кошава, а ваму кодошава.

МАКИЈАВЕЛИЗАМ

Приказната за европската ренесанса во голема мера е приказна за италијанската ренесанса, а пак италијанската ренесанса е во голема мера приказна за ренесансата во Фиренца. Таа, пак, во најголем дел е приказна за спонзорирањето на уметноста и културата од страна на едно семејство богати банкари и трговци, фамозните Медичи, кои откако дошле на власт во тој италијански град-држава, започнале силна и континуирана кампања за да направат јасна дистинкиција меѓу она што било пред нив и она што почнало со нивното доаѓање на власт.

Инаку, „семејство“ на италијански се вика „фамилија“ и во Фиренца во тоа време ако некој не бил во служба на фамилијата Медичи, не можел да очекува ама баш никаков напредок во општествената хиерархија за себе. Два лика од фирентинското општество го сфатиле тоа, ама едниот на време, а другиот со задоцнување.

Првиот се викал Џорџо Вазари, и тој е значаен во историјата на уметноста како човекот кој прв пат ги употребил (всушност ги измислил) термините „ренесанса“ и „среден век“. Пред сè, ова го направил за да им овозможи на своите спонзори, Медичиевците, да се прикажат себеси како почеток на една нова епоха во историјата, пред која сè што се случувало во културата и уметноста било мрачно и темно, а сè што тие спонзорирале и финансирале било светло и прогресивно, но и истовремено враќање кон античките вредности. Ете, и во Фиренца, како и кај нас, фамилијата (во случајот, Медичи) и антиквизацијата оделе рака под рака. А преку пропагандата на Вазари, и спинувањето на сегашноста и минатото не биле ништо помалку застапени.

Другиот значаен фирентинец бил далеку попознатиот за широката публика Николо Макијавели. Во прво време, тој бил огорчен противник на доминацијата на кој било центар на моќ во политиката на Фиренца, и токму затоа кога Медичиевци дошле на власт во тој град, тој бил принуден да се повлече од јавниот живот. Но, желбата за враќање во политиката го натерала да напише две книги со неговите ставови и идеи за тоа како треба да се владее во интерес на државата, кои им ги испратил како писма на главните луѓе на фамилијата која владеела со Фиренца.

Арно ама, Медичиевци ич не се заинтересирале за пишанките на некој си таму анонимец што не сакал да им биде полтрон, па тие писма завршиле во градските архиви, непрочитани од страна на оние на кои им биле наменети. Од тие архиви, подоцна ќе бидат извадени и објавени како книги, кои, од тогаш па наваму, се сметаат за ремек-дела на политичката мисла. Првата од тие книги се вика „Владетелот“ и е далеку попозната од втората која ништо помалку не е длабокоумна, и која се вика „Разговори за првите десет книги на Тит Ливиј“.

Терминот „макијавелизам“, кој го означува методот на гледање на политиката што Макијавели го изнел во неговите две книги, со тек на време добил крајно негативна конотација, иако оригиналниот контекст на размислувањата на Макијавели воопшто не бил негативен. Напротив, тој сакал преку своите дела да им ја претстави политиката на читателите каква што навистина е, без разубавување, и следствено да им овозможи да се ослободат од заблудите и лагите што политичарите им ги кажуваат.

Токму поради тоа што мотивите на моќните луѓе ги разобличил толку јасно и отворено, Макијавели го бие лош глас дека и самиот се залагал за такво делување во политиката. На некој начин, луѓето кои имаат негативен став кон макијавелизмот се идентични на оние кои кога неисчешлани ќе се погледнат во огледало ќе го замразат огледалото што им покажува грд лик, наместо да бидат благодарни што баш така полесно ќе знаат дека треба да си го корегираат изгледот пред да излезат надвор.

Луѓето во ренесансата добро ги примиле делата на Макијавели и затоа тие до ден денешен се останати актуелни и популарни, оти биле токму во духот на ренесансните луѓе кои не сакале да живеат во заблуди и митови. Во нашава, пак, преродба, преродбеничките луѓе не сакаат да се соочат со реалната слика за она што се случува во политиката. Токму затоа, на оние што ги разобличуваат заблудите и грешките на власта, следбениците на власта не гледаат со наклонетост и благодарност што им ги отвараат очите навреме, туку напротив, ги мразат и јавно посакуваат да се забранат, казнат, сотрат и избришат таквите медиуми и новинари. Впрочем, исто како што во Сирија под власта на нивната преродбеничка партија немаат независни медиуми, а критичарите на власта се редовно подложени на репресија!

СЕПАК СЕ ВРТИ!

За време на ренесансата, Италија, а особено Фиренца, биле економски и културен центар на Европа, а престижот на фамилијата Медичи бил толку голем што од нивните редови биле регрутирани и неколку кардинали, еден папа, две кралици на Франција и еден куп сопруги на другите аристократски семејства, кои владееле со Европа тогаш. Сепак, и Италија и Медичиевците, откако го достигнале својот зенит, незапирливо тргнале кон залезот на нивната моќ. За тоа имало две причини.

Прво, била откриена Америка и повеќе главен столб на економијата во западна Европа не била трговијата во Истокот (со која доминирале италијанските трговци, а со кои доминирале банкарите од фамилијата Медичи). И, второ, била измислена печатарската машина, нова технологија, која овозможила да се сруши фактичкиот монопол врз издавањето книги и ширењето идеи што го имале екстремно богатите спонзори. Додека секоја книга (и со тоа секоја идеја) морала да биде репродуцирана рачно, секој примерок бил скап и можел да се финансира само од покровители кои секако не дозволувале да се критикува нивниот лик и дело во тие книги.

Но, откако Гутенберг ја измислил печатарската машина, книгите одеднаш станеле стотина пати поевтини од времето кога морале рачно да се копираат, па оние кои сакале да ги прошират своите идеи, не морале воопшто да зависат од спонзори, туку од самите читатели кои ги купувале тие книги и памфлети, и со тоа го овозможувале нивното понатамошно печатење и пропагација во јавноста.

Во наше време, улогата на поевтинувач на информацијата ја има интернетот, додека откривањето на Америка се странските инвестиции, кои им овозможуваат на луѓето да имаат друга перспектива за наоѓање работа, за да не очекуваат власта да ги вработи во државните фирми, па да мораат да се упикуваат кај владејачката партија и да бидат лојални послушници.

Губењето на монополот врз информирањето и врз економијата е крајно опасна работа за секоја власт која сака да владее апсолутистички. Можеби, токму затоа, нашава преродба не сака да дозволи независни медиуми да ја информираат јавноста и после пет години, уште не може да се пофали со некои значајни дострели во привлекувањето странски инвестиции и отворање работни места, независни од ќефот на власта.

Кога Галилео го натерала инквизицијата да се откаже од своето безобразно тврдење дека Земјата се врти околу Сонцето, а не Сонцето околу Земјата, тој, соочен со моќта на власта, морал да се откаже од вистината, ама сепак тивко рекол, а историјата ги запаметила неговите зборови: „Сепак се врти“. Тој мислел на Земјата, ама во модерново време, кога спорот е околу тоа, дали народот треба да ѝ служи на власта или власта да му служи на народот, сегашните Галилеовци кои, исто така, се подложени на барањата на модерниве инквизитори да се откажат од своите еретички мисли, само можат да кажат: „Тркалото на власта, сепак се врти“. И, исто како и Галилео, пред четири векови, и тие ќе бидат сосема во право, без оглед на тоа што го вели актуелната власт!

Поврзани новости