Ликот на поп пејачот и наш поранешен евровизиски претставник Васил Гарванлиев, деновиве е актуелен на онлајн реклама за македонско казино. Станува збор за спонзорирана објава, со која се повикуваат заинтересираните да уплатат 60 денари, за да добијат 18.000 денари.
Сепак, како што појаснува Гарванлиев за ,,Фокус”, тој ниту рекламира казина и игри на среќа, ниту пак имал било каков договор со било која фирма која промовира коцкање.
-За жал, ова не е од сега. Првин почна со игри во евра, сега игри во денари… Фотографијата од мене, која ја ставиле на рекламата, всушност е украдена од спотот за песната ,,Here I stand”. И за рекламата мислам дека е лажна, дека се работи за SCAM, за да може да се украдат пари- вели Васил, кој веќе подолг период се наоѓа во Чикаго, Америка.
Токму поради тоа што не е во земјава, вели дека не може ништо да направи по повод злоупотребата на неговиот лик.
-Јас од овде не можам ништо. Мислам дека е направена ГПС локација само за во Македонија. Верувам, има институции кои се надлежни за вакви случаи – вели музичарот.
Изминативе неколку месеци во земјава се појавија голем број на онлајн реклами за природни лекови, кои неовластено користат име и презиме на познати лекари, нивни титули и фотографии.
Злоупотребените лекари јавно реагираа и апелираа до институциите да ги уапсат криминалците кои на ваков начин кршат закон, со цел да дојдат до лична заработувачка.
Вики Клинчарова