Просечното време поминато на социјалните мрежи во 2020 година се зголемило за рекордни 100 отсто на сите платформи како резултат на пандемијата предизвикана од вирусот КОВИД-19.
Во земјите со висок процент на поврзаност на населението со интернет мрежи во која би ја вброиле и С.Македонија (според Државен завод за статистика, дури 79,3% од домаќинствата имаат пристап до интернет) децата на возраст од 8-12 години во просек поминуваат од 5-6 часа дневно на социјалните мрежи, а висок процент – над 90% играат онлајн игри.
Во оваа ера на забрзана дигитализација на општеството, младите луѓе, особено децата треба внимателно да се приклучуваат на платформите за социјална активност и дружење од причина што постојат голем број на небезбедни страници и апликации кои можеби несвесно ги инсталираме на нашите телефонски уреди, без да размислуваме за последиците кои би можеле да настапат при нивно користење. Најчесто на тие помалку обезбедени страници или апликации се поврзуваме со кориснички сметки од нашите профили на социјалните мрежи и со самото тоа им даваме лесен пристап до нашите податоци.
Сѐ поевидентна е злоупотребата на лични податоци на децата при користење на социјалните мрежи
Во последно време до Агенцијата за заштита на лични податоци сѐ почесто стигнуваат известувања за злоупотреба на личните податоци на Интернет. Конкретно преку веб-сајтовите за социјално вмрежување се креираат лажни профили кои содржат лични податоци како име и презиме, податоци за полот и возраста, место на живеење, име на образовна институција која се посетува, фотографии од лицата, именување на членови на нивното потесно семејство, итн.
Според податоците добиени од Агенцијата најкарактеристични се претставките кои се однесуваат на креирање на лажни профили, понатаму претставки за пробиени (хакирани) профили, претставки кои се однесуваат за објавување на туѓи фотографии, видео и аудио снимки на туѓи профили на социјални медиуми, како и претставки коишто се однесуваат за навреда, клевета, откривање на сторител, итн.
Според социјалните мрежи на кои се однесуваат претставките, најголемиот број се однесуваат на Фејсбук, потоа на Инстаграм и дополнително одреден број се за Јутуб, ТикТок, Твитер, Снепчет и др.
Изразено низ бројки, во 2021 година до Агенцијата за заштита на личните податоци, граѓаните имаат поднесено вкупно 247 претставки кои се однесуваат на повреда на правото на заштита на личните податоци на социјалните мрежи, од кои 9 се однесуваат на деца.
Во 2022 година вкупниот број на претставки кои се однесуваат на користењето на социјалните мрежи е 232, од кои повторно како и претходната година, 9 се однесуваат на деца.
Во тековната 2023 година до сега поднесени се 141 претставка за повреда на правото на заштита на личните податоци на социјалните мрежи, од кои 6 се за деца на пријавителите.
Оттука, потребно е децата во постојана комуникација со родителите и наставниците да се едуцираат на темата „медиумска писменост’’, да бидат поттикнати критички да размислуваат и да се стекнат со вештини за препознавање на потенцијалните опасности во онлајн просторот, односно, накратко речено, да станат внимателни при уредувањето и споделувањето лични податоци и фотографии на своите профили на социјалните мрежи.
Последиците може да бидат и психолошки
Психологот Соња Угриновска објасува дека едукацијата за заштита на личните податоци е корисна за младите.
„Уште од најмала возраст користат Интернет, но за повеќето од нив тоа е само забава, игра, дружење во чие дејство или не се внимава или се пропушта добра безбедност на нивните лични податоци. Децата не се доволно внмателни што се споделува и од таа причина потребна е одредена контрола да има родителот. Најчесто се злоупотребуваат слики и видеа, се злоупотребуваат нивни профили и нивни лични информации“, вели Угриновска.
Таа додава дека поради преплавеноста од Интернет и апликации кои им се главна забава на младите, сериозноста од злоупотреба на личните податоци не е веднаш воочлива, но е голема и присутна. Сериозни се и можностите за сајбер булинг или критицизам и навреди преку пораки и коментари. Предизвикувачки е што најмладите понекогаш без дозвола и совет од родителите споделуваат податоци на најразлични мрежи и апликации.
Во врска со нарушување на менталното здравје кај младите, а како резултат на погоре наведеното Угриновска е на ставот дека во зависност од повредата, злоупотребата и сериозноста на штетата нанесена на тоа лице, последиците може да варираат од лесни до посериозни каде што лицето е многу засрамено, оштетено психолошки или социјално, придружено од чувство на анксиозност. Понекогаш е навистина тешко младите лица да живеат здраво и без ризици после сериозно нарушување на нивната приватност и интима, вели Угриновска.
Улогата на граѓанските организации во справување со овој проблем
Во граѓанскиот сектор постојат неколку организации кои вложуваат напори за едукација на граѓаните и нивно медиумско описменување, совладување вештини за користење на новите или традиционалните медиуми за себеизразување и за успешна комуникација со останатите пријатели, следбеници, поддржувачи и сл.
Метаморфозис како фондација која се фокусира на заштитата на приватноста и слободата на изразување, во рамки на нивниот проект: „Техничка и интегрирана заштита на личните податоци – градење инклузивен дигитален екосистем’’ спроведува циклус на обуки за заштита на лични податоци за претставници на граѓански организации.
„Зголеменото користење на Интернетот со себе носи и зголемена потреба за развивање на вештини за превенирање на злоупотреби на човековите права онлајн. Континуираната едукација и застапувањето за заштита на човековите права е важен сегмент за спроведување на едукацијата и за градење на нови вредности при користењето на Интернетот’’, сметаат од Метаморфозис.
Следствено на ова, учењето како да се однесуваме одговорно на Интернет и како безбедно да ја користиме информатичката технологија е нешто што треба да се сфати како обврска и предизвик на денешното време.
Овој текст е напишан од младинската активистка Викторија Тасева и е изработен во рамки на младинската програма за онлајн актвизизам имплементирана од Здружението за едукативен развој Еквалис во партнерство со Фокус, а поддржана од Националниот фонд за демократија, Европската младинска фондација и Советот на Европа.