„Златно мое, тато ќе те најде! Свету мој мал!”. Со овие зборови првпат проговори Милош Илиќ, таткото на исчезнатото девојче Данка Илиќ (2), откако е во тек потрагата по неговата ќерка.
Потрагата по Данка траеше цела ноќ, при што температурата во Бор (источна Србија) и околината се спушти на само 6 Целзиусови степени, додека дождот за кратко престана.
Припадниците на Планинарската спасувачка служба објаснија дека во нормални околности тоа се добри услови за потрага, но дека секоја минута е важна бидејќи се работи за двегодишно девојче.
Синоќа хеликоптери заедно со дронови полетаа и покрај затемнувањето и го пребаруваа теренот со термални камери. Над местото каде што исчезна Данка Илиќ има пат до шума која не е густа, но во која има многу густа вегетација.
Девојчето исчезна вчера околу 13.45 часот во приградската населба Бањско поле кај градот Бор.
Потрагата по девојчето се уште трае, а како што соопштија од полицијата, акцијата траела цела ноќ.
Како што изјави за српски „Блиц“ мајката на девојчето, таа била со синот кога девојчето исчезнало.
– Детето беше облечено во виолетови панталони и маслинесто зелена јакна, со врзана коса. Одговара на името, но се уште е мала, уште не зборува – рече мајката.