Претседателот на НДСП, Тито Петковски, и неговата сопруга Трајанка прославија златна свадба. Педесет годишнината од брачниот живот ја одбележале со најблиските во угостителски локал, а за ,,Фокус” раскажуваат дека се благодарни што животот ги наградил со прекрасни деца, внуци, љубов и разбирање, во текот на сите изминати години заедно.
-Ова беше еден вид на изненадување и за мене, вели Петковски, кога сфатил дека сопругата решила да се појави облечена во венчаницата која ја носела пред 50 години, на нивната свадба. На ручекот по повод годишнината присутни биле нивните две ќерки, зетовците и внуците.
-Беше еден вид на мала прослава, поради мерките за заштита од вирусот и актуелните протоколи, само со најблиските, но наредната година, здравје, планираме да направиме златна свадба така како што доликува, со повеќе гости, со танго, па и оро. Сопругата навистина ме изненади кога се појави во венчаницата, тоа е таа женска емотивност и романтика, тоа врзување кон предметите кои се поврзани со важни настани од животот. За целото време, овие пет децении таа ја чувала венчаницата, и да, точна и е и денес. Јас не го зачував моето одело од свадбата, но и да сум го чувал, немаше да ми биде точно, се смее политичарот.
Тој додава дека жените секогаш се поемотивни од мажите, дека внимаваат на сите детали, паметат се, додека пак мажите се повеќе реалисти и практичари.
-Јас не го чувам оделото, ниту пак цветната декорација која за време на свадбата ја носев на реверот, ние мажите сме такви, не се врзуваме многу за предмети, но сепак, знаеме да ги цениме вистинските вредности во животот, и на нив посветуваме најмногу внимание. За нашиот живот во овие изминати пет децении, можам да кажам дека сум благодарен што го поминавме во големо разбирање, толеранција, си бевме поддршка еден на друг секогаш. Тука се и децата, внуците, коишто само уште повеќе ја зајакнаа нашата љубов – вели Петковски.
На прашањето дали пред да стапат во брак, пред педесет години, имале долга врска, или пак се венчале по кратко забавување, вели дека за точниот број на години, мора да ја праша сопругата.
-Десет години во врска пред стапување во брак, додава неговата сопруга.
Петковски посочува дека таа внимава на сите детали.
-Ете точно знае се, и датуми памти, секогаш била беспрекорно организирана. Ете, 60 години заедно, благодарение на големото меѓусебно разбирање. Јас, како човек активен во политиката, мојата сопруга исто така има своја кариера, таа е хемиски инженер по професија, секогаш си бевме безрезервна поддршка. Убав ни беше поводот за малата семејна свеченост, да се надеваме дека пандемијата набргу ќе биде зад нас, за да можеме да си прославиме и со сите драги луѓе кои биле дел од нашите животи сите овие години, порача Петковски.
Вики Клинчарова