Златковски за Фокус: Несреќата во Бугарија се случи на „црна точка“

Паркингот издвоен со метална банкина поставена среде автопат при закосување е надвор од сообраќајните стандарди, вели универзитетскиот професор Стоимко Златковски.

by Фокус

Сообраќајната несреќа во Бугарија во која, според последните информации, загинаа 43 македонски и еден српски државјанин, отвори дебата во бугарската експертска јавноста за безбедностa на патиштата, и особено за начинот на кој е проектиран автопатот во делот каде изгоре автобусот на „Беса Транс“.

Имено, несреќата се случила на делница од автопатот Струма, точно во делот каде покрај патот од десна страна има таканаречено „островче“, односно место за паркирање и одмор, одделен со метална банкина која всушност се појавува одеднаш бидејќи е поставена во закривен дел од патот.

Освен што на тој начин се создава проширување на коловозот, одвоен со заштитна ограда во која впрочем удрил автобусот пред да се одбие кон другата заштитна ограда, дополнителен проблем претставува слабото осветлување и лошата сигнализација, со оглед дека знакот не бил соодветно поставен.

Богдан Милчев од бугарскиот Институт за патна безбедност порача дека во земјата има сериозен проблем со проектирање на патиштата. Затоа, тој побара да се формира Државна агенција за патна безбедност, со цел да се подобри организацијата на движење на учесниците во сообраќајот.

НЕПОЧИТУВАЊЕ НА СООБРАЌАЈНИТЕ АСПЕКТИ

И македонските сообраќајни експерти што ги консултиравме велат дека станува збор за таканаречена „црна точка“. Наместо да се преземат мерки на претпазливост кои би го намалиле ризикот од несреќи, според нив, со начинот на изведба и обележување на паркингот ситуацијата на терен дополнително се комплицира.

Стоимко Златковски, професор на Техничкиот факултет во Битола, за Фокус вели дека грешката е направена при проектирање на патот, кога, според него, веројатно поголемо внимание се посветувало на градежниот сегмент, отколку на сообраќајните аспекти и стандарди.

-Кога ќе ја видите регулативата, таа пропишува дека возачот треба да се приспособи на условите на патот. Меѓутоа, при проектирање на патот, треба да се имплементираат стандарди за безбедност во сообраќајот, кои условите на патот би ги направиле што подобри, со цел да се избегнуваат вакви несреќи – вели Златковски.

Експертот за безбедност во сообраќајот посочува дека паркинзите секогаш се изведуваат на десна страна кога има погодна конфигурација на патот, со сигнализација за успорување. Но, како што потенцира тој, сососема е атипично паркинг да се издвојува со банкина која практично се испречува среде патот, бидејќи тоа може да ги збуни возачите.

-Треба да се има во предвид дека на автопат се вози брзо, а во случајот имаме возење навечер на долга релација, кога концентрацијата опаѓа. Сето тоа треба да се земе во предвид при проектирањето и да се утврди најдобра опција за стабилизација на возилото кога губи контрола – објаснува Златковски, кој врши експерзиза за сообраќајни незгоди.

ПРОЕКТАНТ, ИЗВЕДУВАЧИ, НАДЗОР

Како што објавија бугарските медиуми, некогашниот македонски градежен гигант „Маврово“ учествувал во изградбата на озлогласениот дел од автопатот од Софија кон Благоевград, како дел од бугарско-македонското конзорциум „Бул-строј инженеринг“, заедно со бугарската компанија „Бизнис менаџмент систем – АБП“, која во тоа време била сопственост на извесен Николај Пишинов.

Според дигиталниот весник „Медијапул“, поради доцнењето на нејзината изградба, во подоцнежната фаза во нејзината изградба се вклучиле и бугарските компании „ИСА – 2000“ и „Гранит – 97“. Патем, проектирањето на трасата го направила италијанската компанија „Спеа“, додека контролата и надзорот на градбата им била доделена на белгиската компанија „Луј Берже“ и на бугарската „Патинвест инженеринг“.

Овој дел од автопатот „Струма“ стана неславен поради доцнењето на изградбата за 24 месеци и зголемувањето на неговата вредност од 26 милиони евра на 54 милиони евра. Изградбата на овој дел од автопатот почнала во 2001 година и е завршена на крајот на јануари 2007 година, кога и официјално ја пушти во промет тогашниот премиер Сергеј Станишев.

Инаку, оваа делница важи за една од најлошите во бугарската мрежа на автопати заради нејзината непрегледност и големата нивелација која оди и над 6 отсто.  Затоа, од пуштањето во употреба се до 2013 година брзината на движењето беше ограничена на 90 километри на час.

Откако се случи една од најголемите несреќи во Европа во последните 10 години, се очекува бугарските власти да преземат мерки за подобрување и олеснување на режимот на сообраќај во спорните делови од автопатот. Вакви „црни точки“ се регистрирани и на над 100 локации во Македонија, па стручњаците постојано апелираат дека тие треба да се третираат без да се чека да се случи трагедија.

Влатко Стојановски

Поврзани новости