Социјалистичката партија на Македонија на Љубисав Иванов Ѕинго заедно со својот партнер инвеститор, фирмата „Гренадер ДООЕЛ Скопје“, денеска добија решение од Општина Карпош за времен прекин на постапка за одобрение за градба на локација во населбата Тафталиџе 1, информираа од Општина Карпош.
Станува збор за објектот на стариот Дом на култура кој е во непосредна близина на ОУ „Јан Амос Коменски“. Од Општина Карпош велат дека прекинот за постапката е поради тоа што за оваа локација, надлежно јавно обвинителство води предистражна постапка.
Откако пред неколку месеци ги платиле комуналиите, на СПМ и „Гренадер“ им било возвратено од Општината со писмо во кое ја барале трансакциската сметка за им бидат вратени парите, но пред само два дена, инвеститорите одговориле дека не сакаат да им се вратат средствата туку сакале да градат.
Денеска, градоначлникот на Карпош, Стефан Богоев им го испратил решението за прекин на постапката, со образложение дека надлежното јавно обвинителство побарало списи од општината поради истрагата.
-Решението за прекин на постапката е поради истрагата. Додека не се донесе одлука, ние побаравме да им ги вратиме парите бидејќи не сакаме штета ниту кај нив ниту кај општината, изјави Богоев.