Одделот за интервентната кардиологија на Универзитетската клиника за кардиологија функционира тековно и нема никаков застој. Се третираат и најтешките случаи со акутен миокард. Во ниту еден момент не била и не е загрозена безбедноста на пациентите. Безбедноста и квалитетот со тимската работа ќе биде само поголема.
Ова денеска го истакна директорот на Универзитетската клиника за кардиологија д-р Жан Зимбаков, кој најстро ги осуди неодамнешните обвинувања на поранешниот директор д-р Сашко Кедев за оваа јавна здравствена установа и појасни дека не е оневозможено неговото работење на Клиниката.
– Доктор Сашко Кедев не е деградиран во обичен доктор како што изјави. Знаењето и репутацијата кои ги стекнувал со години никој не може да му ги одземе, како што никој не може да му ја одземе и титулата професор. Тој е дел од тимот и нема забрана да работи во ангиографската сала и не е спречен за ниту една процедура, за разлика од него кој 11 години приватизирал процедури и не дозволил друг да работи злоупотребувајќи ја функцијата директор – рече Зимбаков.
– Не беше во тек со пациентите во Интензивна нега и за кои како шеф на интервентна кардиологија требаше да направи проценка и договор за интервенција. Затоа е сменет од шеф на оддел. Одделот и останатите интервентни кардиолози функционираат како досега на ист начин и со иста фреквенција на работа. Не може шефовското место да биде сведено само на интерес за студии и корист од нив. Разликата сега е само што понатаму Одделот ќе функционира и одлучува како тим што е основна препорака на американскиите и европските здруженија – додаде д-р Зимбаков.
Тој појасни дека за нов шеф на Одделот за интервентна кардиологија е назначен д-р Оливер Калпак, долгогодишен интервентен кардиолог.
Од Клиниката наведуваат дека во 2012 година во таа јавна здравствена установа биле изведени 4.000 интервенции, а минатата година 13-члениот тим извршил 6.600 од кои над 3.000 се со стентирања.
МИА