Зијадин Села денеска не се појави во Кривичниот суд, каде што на десетина обвинети им се судеше дека на 27 април се обиделе да го убијат во Собранието.
Со дозвола на судијката, Славица Андрееска тој ќе сведочи на 19 февруари, а до овој момент пред судот сведочеше еден сведок вработен во компанијата, која го монтирала видео надзорот во Собранието, а рочиштето наскоро ќе продолжи со сведочење на вториот сведок.
Првиот сведок истакна дека во 2016 година бил инсталиран системот за видео надзор, односно во моментот кога се вршела реконструкцијата на Собранието. Пред судот појасни дека на 28 април, или еден ден по крвавиот четврток бил повикан од директорот да оди во Собранието за да ги извадат потребните снимки, а по наредба на обвинителството.
„Се што се случува во Собранието се снима, а записот се задржува десетина дена“ – рече сведокот
Тој не сакаше да открие колку камери се поставени во Собранието повикувајќи се дека овој податок е доверлив, но за истрагата за овој случај биле извадени снимки од неколку камери. Сведокот, исто така рече дека не може да одговори дали освен визеуелно се прави и аудио запис.
На прашање на адвокатите на обвинетите, дали фирмата „Сензор“, во која што тој работи била подизведувач на фрмата „Бетон Штип“ кој ја вршеше реконструкцијата на Собранието, тој одби да одговор истакнувајќи дека ова прашање е за неговиот директор.
Во овој момент е нејасно која е целта на адокатите преку поврзување на фирмата, која го местела системот за видео надзор со фирмата која ја вршела реконструкцијата.
Повеќе од еден час сведокот беше распрашуван и дали може да се утврди точното време кога се случиле настаните кои што биле регистрирани од камерата, на што тој одговори дека при одредена пресметка може да се дојде до временскиот период.
В.В.