Францускиот фудбалски тренер Зинедин Зидан ја одбил понудата на Ал Наср од 120 милиони евра за двегодишен договор со клубот од Ријад, пренесува шпанска „Марка“.
Раководството на клубот од Саудиска Арабија, за кој настапува Кристијано Роналдо, минатата недела му се заблагодари на Руди Гарсија за соработката, а на негово место го назначи хрватскиот стручњак Динк Јеличиќ.
„Марка“ го пренесува пишувањето на медиумите од Ријад кои тврдат дека челниците на Ал Наср на Зидан му понудиле 120 милиони евра за двегодишен договор. Сепак, францускиот стручњак ја одбил оваа понуда, бидејќи планира да преземе голем европски клуб.
Зидан (50) во моментов е без договор, а тој раководеше со Реал од 2016 до 2018 година и од 2019 до 2021 година.
Со Мадрид освои три последователни ЛШ од 2016 до 2018 година.
Тој сакаше да стане селектор на Франција по Мундијалот во Катар, но ништо не излезе од тоа, бидејќи Дидие Дешамп доби нов договор до крајот на Мундијалот во 2026 година.