Зибери: Во полициските станици нема ажурирани списоци на дежурни адвокати, а државата пак не ги плаќа

by Fokus

Народниот правобранител, Насер Зибери и претседателот на Адвокатската комора, Љубомир Михајловски денеска потпишаа меморандум за соработка во насока на подобрување на учеството и заштитата на граѓаните пред полициските и другите служби во почетната фаза, кога против нив се превземаат дејствија.

– Во полициските станици и другите места за лишување и задржување затекнавме ситуации каде што нема ажурирани списоци од дежурни адвокати, а во некои воопшто и ги нема. Полициските службеници не се доволно информирани за правото на лицата кои се лишуваат или задржуваат, дека можат да бараат присуство на адвокат во нивна одбрана, како еден од сегментите за балансирање на односите на тие што имаат посебни овластувања и лицата кои се под нивен удар, информираше народниот правобранител.

Тој рече дека секое лице има право на адвокат во првата фаза и дека средствата за таа адвокатската услуга треба да бидат покриени од буџетот на државата.

– Мислам дека присуството на адвокат е најнеопходно токму во таа прва фаза и се разбира тоа соодветно е регулирано и во законот за кривична постапка, каде што во член 161 е предвидено дека присуството на адвокат, особено по 20 часот до шест часот наутро, може да бара секое лице кое е задржано, односно приведено, а за тоа средствата да ги надомести буџетот на државата, истакна Зибери.

Тој додаде дека соработката со адвокатската комора ќе покрива и други области, а се со цел подобрување на целосната заштита на човековите слободи и права и изрази надеж дека овој настан ќе одбележи едно подигнување не само на соработката помеѓу двете институции, туку и на свеста на граѓаните за нивна заштита на слободите и правата.

Претседателот на Адвокатската комора, Михајловски посочи дека потпишувањето на меморандумот всушност е само едно формализирање на активностите и на дејствијата коишто ќе се превземаат од страна на адвокатите и народниот правобранител.

Тој додаде дека доколку граѓаните се подложени на тортура или на друго незаконито постапување тешко се надминуваат тие состојби за да се има едно фер и правично судење.

На новинарското прашање во врска со причините за малиот број на лицата кои користат адвокатски услуги кога се лишени од слобода и за непојавувањето на многу адвокати кога се повикани од надлежните институции за притвор и слични случаи, Михајловски укажа дека причини за тоа е тоа што на притворените лица не им се соопштуваат или нејасно им се соопштуваат нивните права, кога во прв момент ќе бидат лишени од слобода.

– Тоа е едно. Второ е финансиското прашање. Зборувам кога не сме ангажирани од странка директно. Значи државата мора да обезбеди средства од буџетот за тие лица да добијат адвокатска помош, односно бранители, а тие трошоци да се покријат од буџетот, бидејќи има многу граѓани коишто немаат средства да ги покријат овие трошоци, нагласи Михајловски.

Тој истакна дека во моментов адвокатите не се платени воопшто за постапките пред Министерството за внатрешни работи и дека тие работат про боно, односно бесплатно за тој дел од постапката.

Во однос на прашањето за честото одредување на мерката притвор, Михајловски рече дека со тоа се оневозможува ефикасна одбрана во смисла на состојбата во која се доведува притвореното лице коешто чека судска постапка и додаде дека судовите можат и со други поблаги мерки да го обезбедат присуството на лицето против кое се води кривичната постапка.

Зибери, во однос на истото прашање, рече дека адвокатите не мора да работат про боно.

– Адвокатите, за одбраната што ќе ја овозможат треба соодветно според нивната тарифа да бидат наградени, затоа што државата презела обврска со Законот за кривична постапка да ги надомести тие трошоци, се разбира во време од 20 часот до шест часот наутро. И во тој дел кога е повикан од страна на надлежен орган, адвокат да учествува во постапката, адвокатот треба да биде надоместен од средства на буџетот, не треба да биде ангажиран про боно, рече Зибери и додаде дека тоа не треба само да стои во Законот за кривична постапка, туку треба и соодветно да се материјализира, а со тоа директно ќе се влијае во заштита на правата и заштитата на правата на лицата коишто се приведени и задржани.

Зибери потенцираше дека токму тоа е причината што во полициските станици и другите места за лишување и задржување нема ажурирани списоци од дежурни адвокати и дека тоа е резултат на фактот што државата не ги надоместува адвокатите за услугата што ја даваат.

Поврзани новости