Зибери: Во ниту еден момент нема да потклекнам на влијание!

by fokus

Во минатото како набљудувач на настаните во земјата сум знаел да бидам критичен, кога сум сметал дека така треба и сум поддржувал одлуки и процеси кога сум сметал дека се во интерес на граѓаните. Тоа ми дава за право да и во иднина од функцијата Народен правобранител да бидам во служба на граѓаните, а не сервис на власта, изјави новоизбраниот народен правобранител Насер Зибери, по давањето свечена изјава во Собранието.

Сметам, нагласи Зибери, дека мојот досегашен ангажман е доволна гаранција за успешно извршување, согласно закон и уставот на оваа многу важна функција за граѓаните на државата.

– Уште кога одлучив да се кандидирам за оваа функција, се разбира дека имав мои гледишта и визија за функцијата Народен правобранител и таа визија ќе се обидам докрај да ја реализирам. Тоа значи, во прв план оваа функција да го добие соодветното место во системот, како што налага Уставот и законот. Второ, граѓаните мора да имаат доверба во институцијата, а доверба ќе имаат доколку институцијата возврати со соодветен ангажман и заштита на слободите и правата на граѓаните, изјави Зибери.

Ќе ги искористим сите правни инструменти, нагласи тој, за да испратам порака до ограните на управата и другите носители на јавни функции, дека функцијата Народен правобранител не е само декор во системот, туку бедем на заштита на слободите и правата на граѓаните.

– Јас во ниту еден момент нема да подклекнам на влијание, било од политички, бизнис, економски или секакви центри. Напротив, ќе се обидам докрај во рамките на надлежностите што ми ги дава уставот и законот да останам достоинствен во одбрана и заштита на правата на граѓаните гарантирани со устав и закон, изјави Зибери.

Борбата за заштита на правата на граѓаните во однос на државниот апарат, посочи тој, е вечна и ќе постои се додека постои држава и општество, но како и дека за среќа постојат инстурменти кои може да придонесат во подобрување на амбиентот и навистина граѓаните да чувствуваат заштита.

Поврзани новости