Зибери во конфликт со Владата: Ни го скратија буџетот за 30 отсто

by fokus

Министерството за финансии и Владата имаат рестриктивен однос кон институцијата Народен правобранител, буџетот на институцијата е скратен за 30 отсто за временски период од една година, порача Народниот правобранител, Насер Зибери при презентацијата на Годишниот извештај за степенот на обезбедување почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2021 година.

– Јас ова го сфаќам како намера на Владата да не овозможи квалитетен надзор на работата на органите на управата со недостаток на средства односно недоволно екипирање, и средства за соодветно делување на институцијата Народен правобранител, нагласи тој.

Додаде дека неслучајно Националната институција за заштита на човековите права нема статус „А“ согласно Париските принципи, затоа што, како што потенцираше, Македонија не исполнува ниту еден од трите критериуми, средства, кадар, и простории.

Изминатата година, Народниот правобранител примил 2 686 претставки, 389 предмети биле пренесени од претходната година, односно, бројот на предмети кои ги разгледувала оваа институција во 2021 година изнесувал 3 075.

– Најголемиот број на примените/заведените претставки се однесуваа за заштита на правата од областа на правосудството 436 што претставува 16,23 отсто од претставките, потоа следат претставките од областа на детските права 254 или 9,46 проценти, на трето место се потрошувачките права 228 или 8,49 отсто. Во областа работни односи беа поднесени 218 или 8,12 проценти, во социјалната заштита 183, односно 6,81 отсто, за казнено-поправните и воспитно-поправните установи 162 или 6,03 проценти, за имотно-правната област 150 или 5,58 отсто, за урбанизмот и градбата 136 или 5,06 проценти, како и претставки од други области, соопшти Зибери.

Поврзани новости