-Примерот на Онкологија е само еден од примерите кои најпластично ги покажуваат проблемите со кои се соочуваме во здравството и морам да констатирам дека има сериозна повреда на правата на граѓаните во здравствената заштита, кои се надевам дека ќе добијат судски епилог, изјави денеска народниот правобранител Насер Зибери во Штип.
Тој информираше дека уште пред шест месеци бил отворен предмет за недостиг на потребните лекарства за третман на пациентите на Онкологија.
-Се надевав многу дека со доаѓањето на новиот министер ситуацијата ќе се подобри и уште тогаш реков дека ние ќе ја следиме состојбата и тоа не само во делот на Онкологија, туку и во други области од здравствената заштита, како што беше отсуството на лекот трикафта, за болните од цистична фиброза, околу проширувањето на палетата на лекови кои ги рефундира Фондот за здравство, проблемите кои се појавуваат со Мој термин за кој цениме дека е не е доволно ефикасен и понекогаш нефукционален, но како одминува времето се гледа дека проблемите во тој ресор се сериозни, рече омбудсманот Зибери, кој учествуваше на таботилница на тема: Соработката на локалната самоуправа со народниот правобранител и придобивките од децентрализацијата за граѓаните.