Народниот правобранител, Насер Зибери, се јавува како потенцијален кандидат за прв премиер Албанец кој би раководел со Владата последните месеци од мандатот на актуелната владина коалиција. Тој рече дека за ова веќе разговарал со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, но дека се уште не е одлучено.
ДУИ го промовираше Зибери како нивен кандидат за премиер во предизборната кампања на последните парламентарни избори.
„Да, јас бев кандидат за прв премиер Албанец. Изборите завршија, резултатот од преговорите за составување на парламентарно мнозинство и коалиција се познати така да, останува периодот за кој е договорено да биде именуван првиот премиер Албанец“, рече Зибери во емисијата Click plus на ТВ21.
Според него со поставувањето на прв премиер Албанец се рушат табуата дека ова место е резервирано за само една етничка заедница.
„Тоа би значело надминување на таквите бариери, и создавање на амбиент во кој квалитетот, изборните резултати и визијата за иднината на земјата ќе бидат одлучувачки, а не припадноста“, порача Зибери.