На денешната конференција по повод 10 декември, Меѓународен ден на човековите права, Народниот правобранител Насер Зибери образложувајќи го Извештајот од спроведената анализа, истакна дека со дел од институциите нема доволно соработка и апелираше до овластените органи да вршат влијание врз овие институции во иднина да се подобри соработката со Народниот правобранител, да даваат навремени и суштински одговори во законски увтрдени рокови.
– Министерствата за здравство, за транспорт и врски, за земјоделство, шумарство и водостопанство, за труд и социјална политика, МВР поготово Одделот за внатрешна контрола и криминалистички истраги, Управниот, Врховниот суд, Основниот граѓански суд Скопје, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, ОЈО Охрид, Кичево и генералниот секретаријат на Владата, Управата за водење матични книги, Државниот завод за статистика, Град Скопје, општините Берово, Кочани, Тетово, Битола, неколку јавни претпријатија комунални и државни се органи кои или соработуваат со постојано наше инсистирање или воопшто не одговараат по интервенциите на народниот правобранител, а најчесто доставуваат формални одговори кои не овозможуваат ефикасна заштита на правата на граѓаните, рече Зибери.
Од друга страна, како што посочи тој, од анализата може да се констатира дека Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, Фондот за здравство и подрачните служби на ПИОМ, Јавните здравствени установи, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, меѓуопштинските центри за социјална работа, Заводот за социјални дејности, МОН, навремено одгoвориле или доставуваат одговори со мали пречекорување на роковите, но одговорите се целосни и суштински.
Во оваа група спаѓаат и Државниот пазарен инспекторат, најголем број од средните и основните училишта, Агенција за вработување, националните установи, извршителите, нотарите, Адвокатската комора, основните судови, Комисијата за прекршоци, Комисијата за денационализација, ОЈО Велес, Битола, Куманово, Прилеп, Кавадарци, МРТВ, ЕВН, БЕГ, Регулаторна комисија.
– Неминовна е потребата, неоходна е соработката за да можеме да го подобриме квалитетот на заштита на човековите слободи и права, нагласи Зибери.