Зибери: Ќе побараме од Владата да преземе мерки во однос на МВР

by Fokus

Народниот правобранител по службена должност отворил предмет во врска со проблемите околу издавањето лични документи и регистарски таблички. Како што соопшти денеска народниот правобранител Насер Зибери, пристигнати се и индивидуални претставки од граѓани по кои ќе се постапува.

-Ние ја анализиравме ситуацијата и освен што констатиравме дека на граѓаните им е ускратено елементарно право да поседуваат свои лични документи, како и да можат слободно да се движат надвор од државата со свои моторни возила, побаравме информација од Министерството за внатрешни работи да нè извести дали проблемот е само поради зголемениот број на поднесени барања или има системски пропуст. Бидејќи нашите индикации се дека не е само поради тоа што има зголемен број барања за вадење лични документи, рече Зибери.

Омбудсманот побарал од внатрешната контрола во Министерството за внатрешни работи да ги лоцира проблемот и одговорноста, и соодветно да извести во рок од осум дена.

-Можеби ќе има и посебен извештај за овој случај, но ќе побараме од Владата да преземе мерки во однос на Министерството за внатрешни работи, рече Зибери.

Граѓаните веќе два месеца имаат тешкотии да закажат термин за вадење на лични карти и пасоши, а повеќе од три месеци не може да извадат ниту регистарски таблички.

 

Поврзани новости