Собранието вчера ги изласа измените на Законот за извршување, Законот за облигациони односи и Законот за финансиски друштва, со кои се ограничува наплатата на каматите за извршување, како и трошоците кои финансиските друштва може да ги наплаќаат за издавање на брзи кредити. Народниот правобранител Насер Зибери за Фокус, објаснува што значат овие законски измени и како тоа ќе го почувствуваат граѓаните.
Инцијативата за промена на Законот за извршување и законот за облигациони односи е покрената од Канцеларијата на Народниот правобранител, по бројни претставки од граѓаните дека често за извршители и за камати плаќаат повеќекратно повеќе од она што го должат.
Со законските измени како што објаснува Зибери граѓаните се ослободуваат од постојаното зголемување на долгот со постојано зголемување на казнената камата, како и со постојано плаќање на услуги кон извршителите. На тој начин, според него граѓаните ќе се ослободат од должничкото ропство во кое се нашле.
„Уште лани со соочивме со една апсурдна ситуација да граѓани поднесуваат преставки во кои кажуваат дека во постапките за извршување често пати каматите што им се пресметуваат се многу повисоки од основниот долг што го имаат кон одреден доверител. Тоа само по себе не е најголемиот проблем. Најголемиот проблем е фактот што одредена категорија на граѓани, кои немаат доволно средства да го подмират целиот долг, пресметувајќи ги тука и нотарските и извршителските услуги и каматата тие останаа должници подолг период.
Казнената камата според Законот за облигациони односи и Законот за извршување се пресметува до исплата на последните обврски на должникот, таа камата постојано се пресметувала и тие не можеле да се ослободат од долгот што го имаат кон доверителот, во случајот преку извршителот. Тоа ги доведе граѓаните во ситуација да враќаат огроомни суми, двократно, трократно, па и петкратно поголеми износи од долгот што го должеле кон доверителот. Некои граѓани цел живот не успеале да се ослободат, бидејќи постојано им се пресметувала камата“, вели Народниот правобранител Зибери.
Тој објаснува дека откако го воочиле овој проблем до Собранието поднеле две иницијативи, односно побарале измени во Законот за облигациони односи каде е уреден начинот на уредување на казнената камата и Законот за извршување кој го уредува прашањето на извршувањето на долгот што должникот го има кон доверителот. Зибери вели дека законските измени се идентични со она што тие го предложиле.
„Предложивме да се измени член 268 од законот за облигациони односи и да се додаде нов став во кој ќе се каже кога износот на стасаната а неисплатена казнена камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече. Ова решение станува плафон на пресметување камата и таа ја спречува ситуација должникот да плати двократно, трократно поголем износ од износот на долгот што го има по кој било основ“, објаснува Зибери.
Тој додава дека законодавецот направил уште една измена и ставил рок на застарување на побарувањата на пет години, што според него е позитивно.
„Законодавецот кажа дека доколку едно стасано побарување по основ на пресуда, судско порамнување и друг акт од надлежен орган, како што се нотарските платни налози, не биде побарано извршување во рок од пет години тоа побарување застарува. Тоа е позитивно, бидејќи имаше злоупотреба на застарувањето.
Неретко доверители чекаа да истече подолг рок, а каматата не беше лимитирана и висината на побарувањето растеше. Се случуваше шест месеци пред истекот на крајниот рок, кој претходно беше пет години да предлог за извршување, но се пресметуваше и камата за претходните девет и повеќе години наназад. Со сегашните измени не може тој што има побарување да чека десет години па да го активира побарувањето. Тој е должен најдоцна во рок од пет години да бара извршување. Тоа е едната страна што е позитивно. И да чека пет години не може да бара повеќе од основниот долг што го има должникот кон доверителот“, вели Зибери.
Tој објаснува дека во случајот со ограничувањето на казената камата е направен икслучок, со кој тоа не важи доколку на први јануари за побарувања од претходната година инфлацијата во земјата е над 50%.
Според него тоа е добро решение, бидејќи со толку висока инфлација се обезвреднува побарувањето и вака се води грижа да не се загрози и доверителот. Доколку во претходната година инфлацијата е помала од 50% вжаи ограничувањето на казнената камата за сите побарувања до висина на главниот долг.
Тој вели дека со овие законски измени граѓаните освен што ќе се ослободат од зголемување на долгот преку постојано зголемување на казнената камата, ќе се ослободат и од постојано плаќање на услуги кон извршителите.
„Трошоците во постапката се уредени со тарифникот на нотарите и тарифникот на извршителот. Тие и понатаму ќе ги наплаќаат услугите согласно тарифникот. Разликата е во тоа што извршителите, бидејќи должникот не беше во состојба да го подмири долгот како резултат на постојано пресметување на казнена камата тие превземаа постојано дејствија и тие ги наплатуваа и така граѓаните стануваа доживотни клиенти на извршителите. Со измените граѓаните ќе се ослободотат од постојано зголемување на казената камата и од трошоци за извршителите“, изјави Зибери.
Тој потенцира дека откако се направени законските измени сега треба тие прецизно да се применуваат и дека сега за тоа грижа ќе треба да води Министерството за правда, Комората на извршители како и самите извршители.
„Канцеларијата на Народниот правобранител ќе го мониторира процесот на примена на измените на Законот. Граѓаните ќе продолжат да се обраќаат со пртставки доколку има прекршување во овој дел. Ако има погрешно пресметување на казнената камата и другите трошоци. Ние тоа дневно го имаме, бидејќи најголем дел од претсавките што ги добиваме се токму за извршителите“, вели Зибери.
Промената на Законот за финансиски друштва е на предлог на партениците во Собранието, повторно по барање на Канцеларијата на народниот правобранител, каде исто така стигнале голем број претставки од граѓани дека трошците што ги плаќаат за брзите кредити се неколкукратно поголеми од кредтот што го зеле.
„Граѓаните ни се жалеа дека заглавиле со брзите кредите. Финансиските друштва на име на трошоци им наплатуваат поголем износ од кредитот, кој е земен од тие друштва. Тие друштва ги рекламираат брзите кредити како безкаматни, а од друга страна пресметуваат трошоци кои го надминуваат износот на висината на кредитот“, вели Зибери.
Тој додава дека иако Народниот правобранител не е надлежен за ова бидејќи тоа се приватни фирми, сепак побарале Собранието да преземе нешто за да се запре оваа состојба и дека за среќа пратениците предложиле измени на Законот за финансиските друштва, со кој се уредува начинот на основање, функционирање и надзор на финансиските друштва.
„Баравме со законски измени да се ограничи висината на трошоците кои финансиските друштва им ги наплаќаат на граѓаните и сега со Законот тоа се прави, со тоа што трошците кои по кој било основ финансикото друштво може да ги пресметува и наплатува кон корисник на кредит не може да боде повеќе од 60% од самиот кредит.
Досега многу често овие трошци беа поголеми од самиот кредит. Со законските измени се става обврска финансиските друштва да бидат транспарентни во нивната работа, односно имаат обврска на граѓаните да им ги објаснат сите услови за издфавање на таков кредит, преку интернет страната на финансиското друштво, ако немаат на видно друштво во просториите на финсиското друштво. Тие треба да објаснат кои се условите, кои се трошоците и кои се обврските на доколку земат кредит. Често пати граѓаните влегуваа во бвакви должничко-доверителски односи со финансиските друштва без да знаат какави обврски имаат после, какви последици ќе имаат од евентуално ненавремено плаќање на кредитот“, изјави Зибери.
Елица Бочвароска