Кавадаречкиот рок бенд „Журнал“ со чии звуци растеа многу генерации направи вистински спектакл синоќа во популарниот елитен ресторан ,,Сино” во Кавадарци.
За тоа дека рок музиката не е жанр кој се слуша исклучително во кафулиња, со пијалок на шанк, туку може да си го најде местото и во елитен локал, каде се служат гурмански специјалитети, доволно зборуваа расположените гости од сите генерации, кои уживаа во енергичните изведби на бендот.
Вечерта започна со легендарните хитови на ,,The doors”, ,,Pink Floyd”, Bob Dylan… а по странските, се редеа и екс Ју рок лектирите, за да на крај на репертоарот дојдат на ред и македонските рок евергрини од осумедесеттите години.
Фронтменот на бендот, Лазар Ставров, кој на почетокот на кариерата, пред две децении, беше препознатлив по долгата кадрава коса, повеќе ги нема кадриците кои беа негов заштитен знак, но сепак енергијата на сцената ја задржал и по сите изминати години.
За ,,Фокус” раскажува дека од формирањето на бендот поминале низ многу патешествија, дека во времето кога ,,Журнал” на некој начин се повлече од македонската рок сцена и паузираше со настапи, тој го пропатувал светот и живеел во повеќе земји, но сега е повторно помеѓу своите.
Продолжуваат со гостувања низ земјава, а настапот во Кавадарци е само уште еден показател дека имаме сериозна рок публика.
-Во времето на најголемата ангажираност на бендот, снимавме авторски песни, полневме локали… Се повлеков еден период, но сега сум пак овде, ,,Журнал” продолжува со истото темпо.
Оваа публика вечерва, само уште еднаш покажа дека Кавадарци, но и цела Македонија е желна за добар рок. Ме изненади атмосферата, бидејќи сепак се работи за настап на рок бенд во елитен ресторан. Драго ми е што гостите реагираа воодушевено на нашите изведби, Кавадарци е рокерски град – вели Ставров.
Додава дека сепак, и покрај тоа што рок музиката има свои сериозни слушатели, од рок во Македонија не може да се живее.
-Факт е дека кај нас од рок не се живее. Имам колеги, повозрасни и докажани рок музичари, мајстори на својот занает, кои го посветија животот на музиката, но сепак се принудени да заработуваат на алтернативни начини.
Но, ние не се откажуваме, од рок не се живее, но за добар рок се остава срцето на сцената. Тоа е она според кое се водам, да им оставам на идните генерации еден белег, една музичка ризница како сведок на овие времиња – вели музичарот.
Појаснува дека со бендот планираат снимање на албум со нови, авторски песни, но не сакаат да избрзуваат со изјави пред да бидат прецизирани сите детали. Добра музика ветува дека ќе има, а гостите кои беа од сите генерации, и ги пееа рок хитовите со нив во ист глас, му биле само уште еден показател дека народот ги препознава квалитетните звуци.
Вечерта ја завршија со ,,Purple rain” на Prince, но публиката ги врати на бис. Со безвременската ,,Wish you were here” на ,,Pink Floyd” се поздравија со гостите, со ветување дека ќе има уште многу рок забави.
Вики Клинчарова