Актерката Јелена Жугиќ и поранешна директорка на Театар Комедија се најде на деветото место на советничката листа на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
И во периодот додека раководеше со Театар Комедија, таа извршуваше уште неколку други функции. Според податоците што се објавени на страниците на Службен весник, таа била член на неколку комисии и одбори. Познатата актерка во јули 2008 година станува член на Одборот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“, каде што членува две години. Во јули 2009 година, Жугиќ станува член на Управниот одбор на Филмскиот фонд, а само една година подоцна е разрешена од функцијата. Но, затоа, пак, во 2016 година таа добива нова функција и тоа како член на Делегацијата на Македонија во парламентарната димензија на Централноевропската иницијатива (ПД ЦЕИ) со потпис од екс собранискиот спикер Трајко Вељаноски.
Таа, исто така беше една од многумината која можеше да се види во толпата народ што влезе во Законодавниот дом, на 27 април, односно на крвавиот четврток.
Жугиќ веќе години наназад редовно ги брани политиките на ДПМНЕ, а тоа посебно дојде до израз на 24 декември, познат како црниот понеделник. Таа беше предводник на контра-протестите за да се донесе буџетот, тврдејќи дека ако тоа не се случи, ќе отидат, ќе клекнат пред СДСМ и ќе ги молат да не ги остават без плати!?
Во меѓувреме, Жугиќ им се закануваше на „шарените револуционери“ со гумени куршуми, а упати критики и на сметка на мајката на осумгодишната Тамара Димовска, која почина чекајќи да замине на операција во странство, тврдејќи дека детето починало поради неодговорност на родителите.