„Жртвени јариња“

by Фокус

Сиљановска набргу ќе сфати дека овој „кикс“ со помилувањата беше, всушност, порака испратена до неа, и тоа под рогозина, токму од оние што ја предложија за претседател. Некако имам впечаток дека целиот тој скандал околу Комисијата за помилување тргна организирано и смислено и многу ми заличи на изреката: „Ти зборувам ќерко, досети се снао“! Изгледа дека нашава претседателка се досети и ја сфати пораката.

Пишува: Ана ПАНОВСКА

Госпоѓи и господа интелектуалци, професори, еминентни доктори на науки, академици… подалеку од разните надлежни комисии и од заднинските сплетки на заинтересираните политички посматрачи.

Подзатскријте се, ценете си го своето наталожено знаење и задржете си го за некои подобри времиња, кога за тоа ќе се создадат услови.

Инаку, вашето знаење ќе оди во ветер и бетер, како што се случи со предлозите од надлежните институции до членовите на Комисијата за помилување на претседателката, Гордана СиљановскаДавкова.

За жал, со нивното учество во Комисијата, а потоа и со оставките, тие на некој начин им дадоа шлагворт на актуелните политичари, кои побрзаа да „поентираат“ од сета таа збрка со помилувањата од претседателката, и тоа на сосема друга тема – ОДГОВОРНОСТА!

Шуќур се најде некој во оваа држава одговорен за нешто. Ете, се нашле неколку стамени, одговорни луѓе, кои, како што вели премиерот Мицкоски, имале доблест да си ја признаат грешката и поради тоа, разбирливо, потоа дале оставки.

Но, сега веќе бившата комисија вели дека не направила никаква грешка за да си дава оставка, туку дека се работи за непостоење принципи според кои би можело да се работи во таква комисија. А, баш тие принципи го докачуваат Мицкоски и неговата влада.

СИЉАНОВСКА КАКО ТРАЈКОВСКИ ИЛИ ИВАНОВ?

Како и да е, претседателката на државата веќе си бара нови „жртвени јариња“, кои ќе ја советуваат, но и ќе ја преземаат нејзината одговорност и ќе ги покриваат нејзините недоволно обмислени постапки, кои еве веќе бајаги се намножија.

Но, и таа ќе се извешти и некои работи од реал-политиката допрва ќе ги открива. Набргу ќе сфати дека овој „кикс“ со помилувањата беше, всушност, порака испратена до неа, и тоа под рогозина, токму од оние што ја предложија за претседател.

Некако имам впечаток дека целиот тој скандал околу Комисијата за помилување тргна организирано и смислено и многу ми заличи на изреката: „Ти зборувам ќерко, досети се снао“! Изгледа дека нашава претседателка се досети и ја сфати пораката.

Од нејзиниот кабинет молк. И тоа ми го потврдува впечатокот дека Сиљановска-Давкова веќе почнува да прета и да си го покажува својот интегритет. А тоа владејачката структура околу Мицкоски ја загрижува.

Затоа, претпоставувам, дека таа структура сака навреме да ги испревари потезите на Сиљановска, која сѐ повеќе се зближува со претставниците од меѓународната. Таа има еден таков женскаст стил, но тоа не значи дека не капира што се случува во државава внатре, а и околу неа.

Во неа, сепак, има големо знаење и една фиксираност на добар слушач со концентрација, па оттука мислам дека набргу доволно ќе се охрабри и ќе влијае врз отстранување на слабите точки во политиката на ВМРО-ДПМНЕ околу европскиот пат на државата.

Ова не го зборувам со намера да подметнувам зла крв во кохабитацијата претседател – влада, иако бевме сведоци на една слична партиска поставеност на државниот политички врв кога дојде до судир меѓу претседателот Трајковски и тогашната влада, и двата политички субјекти изнедрени од пазувите на ВМРО-ДПМНЕ.

Со Ѓорге Иванов дружбата им одеше како подмачкана. Во почетокот си мислев дека Иванов е само послушник и дека ВМРО-ДПМНЕ го влече за нос, но при крајот на мандатот сфатив дека тој е мајата што ја креира политиката на ВМРО-ДПМНЕ во обратна насока.

Е сега, дали претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе тргне по стапките на Борис Трајковски, кој беше миленик на меѓународната, па и дома, или ќе биде уште порадикална од ВМРО-ДПМНЕ, каков што беше Иванов.

Многумина ѝ прогнозираат дека ќе заврши како градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Чаршиски глупости! Во Гордана, бре, има штоф! Ќе видите дека таа, сепак, не е мачкина кашлица!

Поврзани новости