Жолтицата продолжува да се шири, особено сега кога децата тргнаа на училиште при што само во последните 24 часа има осум новозаболени лица, од кои двајца ученици на возраст од 9 и 10 години, како и еден 15-годишен средношколец, информираат од Центарот за јавно здравје. Исто така, заразени се и еден студент и петгодишно дете од Шуто Оризари кое одело во градинка.
Вкупниот број на заболени од 1 јули досега, во Скопје достигнал до 132 заразени лица. Според Центарот за јавно здравје, четворица од новозаболените се од Шуто Оризари, а по еден случај е регистриран во општините Илинден, Бутел, Чаир и Сопиште.
– Стручните лица од Комисијата за заштита од заразни болести одлучија покрај мерките што се преземаат, дополнително да се зајакне дезинфекцијата во најголемото жариште, а тоа е Шуто Оризари и тоа да се прави на дневна основа – истакна министерот за здравство Никола Тодоров.
Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, под чија надлежност се детските градинки, вели дека не постои опасност од раширување на жолтицата во градинките и тврди дека тие ги почитуваат препораките за зголемена хигиена и заштита од заразата.