Канада високо го цени учеството на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во мултинационалните сили на НАТО во Латвија и тие се значаен дел од колективната безбедност на Алијансата и сигурноста на сите земји-членки, рече министерката за надворешни работи на Канада, Мелани Жоли, која е во посета на Македонија.
Жоли денес по средбата со министерот за надворешни работи Бујар Османи се сретна и со македонската министерка за одбрана Славјанка Петровска, со која разговараше за македонско-канадската одбранбена соработка.
Од Министерството за одбрана информираат дека двете министерки разговарале и за посветеноста на двете земји во зацврстувањето на колективната безбедност на НАТО, преку учество во мултинационалните сили на Алијансата на источното крило.
„Руската агресија врз Украина и целосното непочитување на воспоставениот меѓународен правен поредок ни покажа дека мораме постојано да бидеме будни и посветени на одбраната на нашите вредности – нашата демократија, слобода и сувереност. Благодарност до нашите канадски сојузници под чие водство припадниците на македонската Армија и останатите сојузници во рамките на мултинационалните сили на НАТО во Латвија, ја зацврстуваат безбедноста на сите членки на НАТО“, рече Петровска.
Од Министерството за одбрана соопштија дека канадската министерка го поздравила ставот на министерката Петровска дека уставните измени треба да се донесат, бидејќи го претставуваат мултикултурализмот на земјата.
„Жоли потенцираше дека Канада иако не е членка на ЕУ, цврсто е уверена дека местото на Северна Македонија е во Европската Унија, како единствен начин за зацврстување на стабилноста, напредокот и за понатамошен развој на трансатлантската соработка. Жоли го поздрави ставот дека уставните измени неодложно треба да се донесат бидејќи претставуваат потврда на мултикултурализмот во земјата, а Канада како мултикултурна држава тоа го разбира и поддржува. Поддршката за уставните измени не значи гласање за или против Владата, туку значи поддршка за Македонија“, рече Петровска.