Жоли до Османи: Веруваме дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ, можете да сметате на поддршката на Канада

by Fokus

Канада и Северна Македонија се силни поддржувачи, пријатели и сојузници на Украина, при што врвен приоритет останува војната во оваа земја.

Ова беше посочено на денешната заедничка прес-конференција на министрите за надворешни работи на земјава и на Канада, Бујар Османи и Мелани Жоли.

Османи посочи дека Канада силно ја поддржува нашата европска перспектива и останува на ставот дека силните политички релации меѓу земјите треба да бидат проследени со зајакнување на економската соработка и бизнис релациите.

– Имаме далеку поголем потенцијал за економска соработка и преземаме обврска во иднина посебно да се посветиме на оваа тема. Со Жоли го поздравивме нашето силно сојузништво во рамки на НАТО Алијансата, истакнувајќи ја поддршката на Украина и солидарноста со украинскиот народ. Заеднички придонесуваме за зајакнување на источното крило на НАТО. Тука би сакал да потенцирам учество на нашите војници во зајакнатот присуство во Латвија – рече Османи.

Османи порача дека Северна Македонија и Канада, иако географски се одалечени, двете земји силно ги поврзува нашата многубројна дијаспора во Канада.

Жоли потсети дека првпат по 25 години канадски министер за надворешни работи доаѓа во посета на нашата земја.

– Можеме да извлечеме придобивки од придонесот на Северна Македонија на масата во НАТО, но исто така и на терен во овој момент во Летонија, имајќи предвид дека Канада ги предводи летонските сили на НАТО таму. Со задоволство соработуваме со војската на Северна Македонија која е стационирана во Летонија. Ова е борбена група која е исклучително важна – рече Жоли.

Таа потенцираше дека Канада и Северна Македонија се силни поддржувачи, пријатели и сојузници на Украина.

-Би сакала да ве пофалам за одговорот на вашата Влада кон војната во Украина. Знам дека инвестиравте многу во поддршката на Украина. Канада го направи истото. По глава на жител дадовме најголема поддршка за Украина во милијарди долари и ќе продолжиме тоа да го правиме заедно, порача Жоли.

Жоли потенцираше оти цврсто верува дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ.

-Можете да сметате на нашата поддршка. Би сакала да ве охрабрам да ги продолжите вашите напори да пристапите кон ЕУ и Северна Македонија е одлучна и способна, затоа што знаеме дека ниедна земја не може да направи толку многу сама, колку што може да направи заедно со другите – додаде Жоли.

Прашана кога Канада ќе воспостави безвизен режим, министерката посочи дека како стратешки партнери двете држави може да најдат решенија за различни прашања и оти е тука за натамошно унапредување на односите.

-Сега сме стратешки партнери, со тоа што овозможуваме поблиска соработка и можеме да најдеме различни решенија за различни прашања. Затоа сум тука за да ги унапредиме односите меѓу Канада и Северна Македонија, рече Жоли.

Поврзани новости