Лазаров, сепак не се извини на вистинското место!

by Fokus

Јутјубери и инфлуенсери се релативно нови термини кои изминативе години стануваат се попопуларни кај нас, а во регионот и во светот веќе се симбол за инстант слава, но и добра заработувачка.

Да се искористи моќта на интернетот, но и талентот, харизмата, духовитоста, хуманизмот, инспиративноста која ја поседуваат оние кои решиле да се посветат, а и да заработуваат од јутјуберство, како и од инфлуенсерство, се главните одлики на овие таканаречени хоби-професии.

Ако она кое имаат да му го понудат на народот, според јавниот суд е добро, расте бројот на следбеници, а истовремено расте и заработката.

Како што впрочем лани во интервју за Слободна Европа откри сега актуелниот јутјубер Стефан Лазаров, од монетизација заработувал околу 250 евра, но за среќа, тука биле договорите со спонзорите.

-Ова значи дека во Македонија од монетизација нема пари, но од спонзори има пари. И тоа како има пари!- изјави тој во интервјуто.

И да, факт е дека тие, неколкумина популарни јутјубери и инфлуенсери во земјава неретко раскажале дека имаат добра заработка, како и армии на следбеници. Најчест таргет се младите генерации, кои поголемиот дел од времето го минуваат на Инстаграм, но и на Јутјуб, па според бројките на следбеници кои ги имаат јутјуберите и инфлуенсерите кај нас, а кои се движат од десетици, па до стотици илјади, не смее да се занемари и влијанието кое го имаат објавените содржини на разни платформи од овие ,,нови херои” на денешницата.

Тоа го повлекува и прашањето, дали воопшто некоја институција има надзор над објавите кои младината ,,ги голта” секојдневно, колку се вршат проверки на објавеното, дали се запазуваат професионални, морални и етички стандарди, која е пораката која ја праќаат, или пак во етер оди она кое јутјуберите и инфуенсерите самите процениле дека е во ред.

Уште поразочарувачки е тоа што дури од самите креатори на контроверзни содржини зависи дали објавеното ќе биде тргнато од етер! Ниту една институција не се занимава со тоа, и не превзема чекор. Можности за пропусти при нивните објави несомнено дека секогаш има, со оглед на тоа што најчесто се работи за ,,One man show”, односно зад нив стојат самите тие, нема уреднички тим, нема продуценти, сценаристи, режија…

Пропусти и грешки се случуваат и во сериозни електронски медиуми, како и во печатени медиумски изданија, и покрај тоа што секоја објава минува на проверка низ повеќе ,,раце”. Луѓе сме, грешиме сите. Но, колку и да е грешката голема или мала, од клучна важност е и реакцијата потоа. Извинување, да, но во правиот смисол на зборот.

Извинување во кое акцентот е ставен на барање на оправдување, во кое се напаѓаат сите оние кои реагирале на грешката, па дури и извртување на фактичката состојба и многу често слушнатото клише, дека се работи за партиска хајка, всушност не е извинување.

Клише е и кинењето на партиски книшки, затоа што на слободоумниот народ кој реагираше на контроверзното видео на Лазаров, со гостинот, новинарот Драган Павловиќ Латас, не му е важно дали гостинот е новинар, оперски пејач, политичар или порно глумец.

Кажаното како анегдота, во никој случај не може да бида анегдота, прераскажана забавна случка, без оглед дали и некогаш навистина се случила или била плод на фантазијата на гостинот, кој е лице во години, туку е грозоморен настан за кој се огласија и од Скопското обвинителство.

Како што појасни и самиот Лазаров, два месеци се подготвувал за снимањето на видеото со гостинот. Дали поради голема еуфорија, андреналин, дали поради невнимание, сепак ете, се случи изнесеното во долго подготвуваното видео, како и реакцијата на водителот.

Во најмала рака, како човек кој стои зад тоа видео, Лазаров можеше да ги отстрани спорните делови. Но, од она кое досега го гледаме и слушаме, тој како да не гледа дека воопшто има нешто спорно во таканаречената ,,анегдота”, на гостинот. И токму таму лежи најголемиот проблем.

Од коментари на социјалните мрежи, поразувачки е и тоа што дури и за дел од јавноста, иако тој дел е малцинство, се е во ред со кажаното. Затоа е огромна одговорноста на сите оние кои се нафатиле да делуваат како јутјубери и инфлуенсери, оти кажаниот збор е како испукан куршум, нема враќање назад, посебно кога оди во етер. Поради тоа и секое ,,извинување” отпосле, треба да биде издржано, ако се планира и во иднина да се продолжи со истото хоби-професија. Оти спонзорите веќе ставија прст на чело околу тоа кого и што ќе финансираат.

Да веруваме дека Лазаров не се извинува само поради можноста да остане без спонзори, и дека можеби на крај од оваа горчлива епизода јавноста навистина ќе добие извинување какво што заслужува. Исто извинување, а и правда, заслужува и девојката од фиќото!

Вики Клинчарова

Поврзани новости