Животот во Гевгелија му се погоди на Владо Јаневски: Сите да ми дојдете на гости!

by Fokus

Расположен и разигран на сцена, синоќа популарниот поп пејач Владо Јаневски (61) околу два часа ги забавуваше гостите на манифестацијата Фолк Фест Валандово 2022, на бината на градскиот плоштад во Валандово.

Преселбата и животот во Гевгелија очигледно дека му годат и му донеле ново поглавје во животот, а тој со гордост пред публиката се пофали дека таму е неговиот нов дом.

-Јас сум ви сега во комшии, сите да ми дојдете во Гевгелија на гости – им порача Јаневски на присутните.

Неговиот концерт следеше по настапот на групата ,,Љубојна”. Веднаш откако пристигна зад бината, голем број на обожаватели го опколија и бараа да се фотографираат со него. Ги имаше од сите генерации, од тинејџери, па се до повозрасни луѓе, кои го испратија до сцената. Неговите песни, посебно емотивните балади, најмногу допреа до публиката која ги пееше во ист глас со него.

Инаку, познатиот чаирџија веќе подолг период е преселен во Гевгелија. На почетокот на годината откри дека таму живее во стан, по шест децении живот во Скопје, а мирниот живот во помал град се покажал дека е токму она кое му било потребно.

-Не дека имам многу пријатели таму, имам мирен живот, во станот имам гитара, кога ми треба клавир за компонирање на нова музика, одам во казиното Фламинго, тамошниот менаџмент ми дозволува да го користам нивниот клавир. Во Скопје доаѓам за гостувања во емисии или на концерт, но прва мисла ми е враќањето во Гевгелија. Спокојниот, мирен живот таму е спротивност на шоу бизнисот- раскажуваше тој во интервју во јануари годинава.

Во февруари ја промовираше баладата ,,Ненормален” за која музиката и текстот ги напишал тој, а пак аранжманот е на Никша Братош. Изминатиот период има редовни настапи низ земјава, а во сабота на 11-ти јуни, гостува во Неготино, на базен Хавана.

Вики Клинчарова

Фото Роман Зозулиа

Поврзани новости