Атрактивната Ава Керш, во Македонија позната како пејачка која беше актуелна на сцената до почетокот на 2000-те години, кога се пресели во Америка, но и како сопруга на легендарниот фолк пејач Пепи Бафтировски, и во Чикаго постојано реди успеси на сцената.
Од пред неколку години таа е активна на разни танцувачки шоу настани, од кои се враќа со освоени награди. И покрај тоа што по професија е здравствен работник во Лојола Универзитетот во Чикаго, Ава не се откажува од танците како румба, ча ча ча, свинг и фокстрот, а неодамна за ,,Фокус” раскажа дека љубовта кон модерните танци ја негувала уште пред долги години, но во Македонија, своевремено немало доволно услови за истакнување во таа област.
Во САД пак, добила многу можности, се истакнала во повеќе мјузикли и зела учество во голем број на шоу настани и натпревари, каде ги покажала своите танцувачки вештини. Пријателите на Ава знаат да кажат дека за неа времето застанало и таа воопшто не старее. На својот социјален профил редовно објавува видео снимки на кои танцува, со својата стандардна фризура и шминка, кои се нејзин знак за препознавање со децении наназад, а комплименти доаѓаат од сите страни.
Со пораката – Ајде да танцуваме, таа често споделува видеа на кои се гледа дека е во одлична форма на подиумот за танц, а годините за неа се само бројка.
Во последното интервју за ,,Фокус” раскажа дека последен пат била во Македонија пред пет години, и снимила две песни, а роднините и публиката во родната земја секојдневно и недостигале. Како потсетување, таа се пресели во Америка во 2003 година, заедно со Пепи и со нивните син и ќерка.
Со Пепи, кој почина од рак на белите дробови во 2008 година, иако во тој период биле разделени, сепак останале блиски. Не криеше дека за разлика од Пепи, многу подобро се прилагодила на тамошниот живот и покрај работата во институтот каде била посветена на научни студии од областа на карциномот, времето и е исполнето и со танцот.
Вики Клинчарова