Музичарот Коки Јанков, кој остана запаметен во јавноста како дел од музичкото дуо Дуле и Коки, за време на своето гостување во Италија доживеал интересна случка, која длабоко го трогнала.
Како што самиот раскажува, ќе му се случи на човек некој настан, некоја случка која на некој начин силно ќе го погоди, како од рубриката ,,Верувале или не”.
Имено, додека свирел во Пјаченца пред нашите иселеници, во публиката забележал маж и жена, и секој пат кога ќе погледнел кон нив, мажот како да сакал нешто да му каже.
-Не знам како, некако при крај некој викна, седни Коки, одмори малку. Седнав, ама баш до човекот за кој раскажував. Ми рече дека заминале од Македонија одамна, имале двајца синови, близнаци, по тринаесет години биле.
Му реков, супер, и ќерка ми е на таа возраст, а тој ме прашува дали ќе погодам како се викаат.
Кренав раменици, а тој ми вели – Дуле и Коки, по вас!
Штама, кнедла во грло… Чест… Можам да кажам уште нешто…ама не можам… Му реков на таткото да ги донесе утре, да ги гушнам – раскажа музичарот, објавувајќи фотографија на која позира со близнаците.
Инаку, дуото Дуле и Коки, составено од Душан Љубисављевиќ и Коки Јанков ја стекна најголемата популарност во 1996 година, со песната ,,Виолина и гитара”.
Оставија низа на евергрини кои се пренесуваат од генерација на генерација. Дуле почина во 2013 година по кратко боледување, а Коки ја продолжи музичката кариера.
Вики Клинчарова