Животот не може да почека

by Фокус

Чија (а не само на вработените) е одговорноста што на Онкологија краделе лекови и ги продавале на црно? Чија е одговорноста за тоа што школската година ќе започне без учебници? Чија е одговорноста што минималната плата не обезбедува основа егзистенција на вработените? Чија е одговорноста затоа што наместо владеење на правото и правната држава царуваат криминалот и корупцијата!?

Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ

Основната дилема која ги измачува граѓаните е прашањето дали замаглената перспектива за некој иден (можен) подобар живот може да биде заменета со животот сега и овде!?

Не станува збор за некое реторичко прашање туку за прашање за живот и смрт. Затоа и одговорот е Не! Животот сам по себе е минлив и неповторлив и затоа целта на секоја единка е да го одживее сопствениот живот на најдобар можен начин. Овде или Таму, сеедно.

Тоа е коренот на Големата преселба. Бадијала Влатко Ѓорчев во името на ДПМНЕ набројува колку првачиња и средношколци се запишале во оваа или онаа општина, град.

Процесот на бегство на граѓаните од родните огништа во сопствената држава не е од вчера и нема да заврши утре. Тој ќе трае и ќе се интензивира се дотогаш додека на политичката сцена ќе се менуваат партиите и „лидерите“, а нивните политики ќе остануваат исти.

Прашање е дали политичките партии и воопшто „државата“ имаа основен поим за тоа кое е најниското социјално, политичко, економско и психолошко рамниште на издржливост на граѓаните во Република (Северна) Македонија?

Или, пак, воопшто не им е важно! Барем сѐ додека во државата има и една глава за шишање и пара за крадење. А потоа нека му ја мислат тие што ќе бидат живи и здрави тогаш, ако воопшто такви и постојат.

Не треба да се биде многу умен за да се заклучи дека демографското празнење на државата е директна последица на лошите политики на власта, чија суштина е, криминалот и корупцијата. Нема амбиент за нормален живот се додека, без оглед на промената на персоналните и партиските носители на власта, нивните политики остануваат исти.

Оттаму одговорноста е на политичките партии и нивните „лидери“, а не на граѓаните.

ПОЛИТИЧКА МАГЛА

За да се сокрие таа гола вистина, политичките партии го користат најстариот политички трик, а тоа е да постават определена неспорна политичка цел и околу неа да ги вртат своите политики.

Некогаш тоа беше „шлеперот“, па „преродбата“, па „едно општество за сите“, а сега „вклучувањето на Бугарите во Уставот“! Станува збор за добро осмислени намерни цели кои се користат како „чадор“ и „димни завеси“ зад кои треба да се сокрие грдото секојдневие.

Затоа сега е најважно и „судбинско“ прашањето за промена на Уставот!

Неспорно! Но, прашање е дали заради тоа треба да се запостават прашањата од кои зависи секојдневниот живот на граѓаните.

Чија (а не само на вработените) е одговорноста што на Онкологија краделе лекови и ги продавале на црно? Чија е одговорноста за тоа што школската година ќе започне без учебници? Чија е одговорноста што минималната плата не обезбедува основа егзистенција на вработените ? Чија е одговорноста затоа што наместо владеење на правото и правната држава царуваат криминалот и корупцијата!?

ГЛУВИ И СЛЕПИ

Очигледно во „оваа држава“, почнувајќи од нејзиниот Претседател, па преку Владата и партиските „лидери“, па се до последниот „избран и именуван“ функционер никој не чувствува одговорност за состојбите во државата.

Се гледа само личниот интерес и можноста што противзаконски, што преку намерно темпирани „закони“, да се украдат пари од буџетот, претпријатијата и граѓаните. Сѐ друго може да почека.

Станува збор за глуви, слепи и отуѓени политичари било да се на власт или ќе бидат на власт но наредните избори. Оттаму и граѓаните го избираат единствениот можен начин на ненасилен отпор кон политиката и власта, а тоа е напуштањето на државата.

Животот за разлика од партиите и „државата“ не може да почека! Тој треба и мора да се живее сега, сеедно дали овде или таму!

Поврзани новости