Во должина од само неколку километри на автопатот Неготино – Градско, заштитната мрежа, односно сигурносната жичана ограда е исечена и се направени десетици диви премини. Истите ги користат земјоделци, кои наместо да стигнат до нивите по надвозникот, претрчуваат преку автопатот, со што заштедуваат на време и гориво.
За последиците кои можат да бидат фатални, очигледно не се размислува. Освен ризикот за сопствениот живот, се ризикува и животот на патниците кои возат по автопатот. Токму поради искинатите заштитни мрежи, многу чести се и сликите на кучиња, коњи, но и на диви животни по нашите автопати, кои секоја година предизвикуваат десетици тешки сообраќајни несреќи.
За проблемот со сечењето на заштитната мрежа ,,Фокус” пишуваше и во минатото. Лесно може да им се влезе во траг на сторителите, бидејќи најчесто ги оставаат возилата паркирани на покрај стариот автопат, па преку дивиот премин одат на работа на поле.
Пред две години состојбата со заштитната мрежа на автопатот Неготино – Градско, во близина на Неготино, беше толку лоша, што мрежа речиси и да немаше. На оние делови на кои не беше исечена, беше падната, па по јавните апели истата во должина од неколку километри беше обновена.
Но, во таква состојба не остана долго време. По само неколку недели од санирањето, земјоделците повторно ја исекоа, бидејќи беше ек на работна сезона во лозјата, и можеа да се забележат слики кога дури и десетици аргати претрчуваат по автопатот преку дивите премини.
Состојбата се уште е иста, и мрежата од тогаш не е обновена. Остануваат отворите низ кои слободно минуваат луѓе и животни, и сериозно е нарушена безбедноста на учесниците во сообраќајот.
Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) е задолжено за одржување на патната мрежа во Македонија. Според последните податоци од ЈПДП, приходите од наплата на патарина само во првите три месеци од годинава изнесувале 581.137.560 денари, односно околу 9,5 милиони евра. Исто така, според извештајот на ЈПДП, приходите од надоместот за употреба на јавните патишта за моторни и приклучни возила (патна такса) што се наплаќа при регистрација на возила изнесуваат 406.271.881 денар.
Жичаната ограда пак, со која се штити површината на автопатот од непожелно влегување и овозможува безбеден сообраќај, во малопродажба се нуди по цени од околу 2.500 до 5.000 денари за 25 метри должина, а цените варираат во зависност од висината на мрежата.
Вики Клинчарова