ФОКУС: ПроКредит банка се издвојува на пазарот нудејќи кредити за инвестиции во зелени проекти. Што точно претставува зелено кредитирање и кој е мотивот за поддршката на овој тип инвестиции?
Љубин НАУМОВСКИ: Во последните неколку години забележителен е трендот за понуда на „зелени“ кредити од банките на домашниот пазар. Намената може да биде разновидна, од многу мали инвестиции во домаќинствата до финансирање големи проекти за бизнисите. За нас како банка, зеленото кредитирање претставува нешто многу повеќе од само промоција и исплата на овој тип кредити. Во ПроKредит тоа претставува континуирана проценка и грижа колку ние како банка имаме влијание во делот на животната средина преку секој еден аспект од нашето работење. Улогата на банките не е да бидат само обичен промотор нa „зелени“ кредити; тие треба да имаат и општествена одговорност како главни поддржувачи на економијата и да внимаваат кој тип бизниси и инвестиции ги финансираат. Доколку една банка промовира „зелени“ кредити, но од друга страна поддржува компании што придонесуваат негативно врз животната средина, тогаш целокупниот ефект е негативен. Силно веруваме дека со нашиот концепт на зелено кредитирање, кој ги опфаќа сите аспекти на нашето работење, може да имаме позитивен и значаен импакт на животната средина.
ФОКУС: Кои фактори треба да се анализираат од страна на клиентите кога се прави инвестиција во зелени проекти. Дали ниската камата или има и други услови што треба да се земат предвид?
Љубин НАУМОВСКИ: Многу често кога ќе се спомене зелени кредити, се мисли на кредити со пониски камати. И секако камата претставува одреден стимул. Но, искуството покажало дека предвид треба да се земат многу други фактори, кои би направиле разлика дали одредена инвестиција за клиентот е добра или не.
За нас, овој тип кредитирање не претставува ништо ново. Како на локално, така и на групациско ниво, имаме искуство повеќе од 15 години со квалитетнo разработена методологија на проценка, која редовно се дополнува според новите стандарди и промени на светско ниво. Истовремено, континуирано се издвојуваат значителни ресурси во делот на обука на вработените за да можат да направат добра проценка и да бидат запознаени со предностите и предизвиците на овој тип инвестиции. Важно е да се утврди колку дадената инвестиција на клиентот е одржлива и исплатлива на долг рок и секако какво е влијанието врз животната средина.
Имајќи предвид дека најголемиот дел од нашите клиенти се мали и средни компании, посебен фокус се става и на анализата на тоа како оваа инвестиција би се рефлектирала врз финансиската слика на целокупното работење на компанијата, како и проекција на нејзините резултати во иднина. Често се случува нашата стручност во овој сегмент да биде препознаена од клиентите, па ние да бидеме мотивот поради кои тие се одлучуваат на таков чекор. Инвестиција во нови машини што ќе придонесат во заштеда на електрична енергија, но и зголемен капацитет и потенцијал за производство, се само едни од многуте примери за успешни приказни. Но, преку секојдневни разговори со клиентите, доколку успееме и само да поттикнеме желба за размислување за ваков тип инвестирање, за нас претставува успех.
Во делот на условите како банка со германски капитал имаме можност за пристап кон меѓународни фондови што нудат одредени олеснувања, како во делот на каматата, така и во делот на рокот или потребното обезбедување. Секако, се трудиме максимално да ги искористиме тие можности и да ги донесеме на нашиот пазар.
ФОКУС: Каков тип зелени инвестиции поддржувате, кои од нив се најзастапени и кој е ефектот врз животната средина од овие проекти?
Љубин НАУМОВСКИ: Електрични автомобили, нови машини со заштеда од минимум 20% електрична енергија и енергетско ефикасни градби, се само дел од инвестициите. Во последниот период се забележува зголемен тренд на побарувачка за фотоволтаични централи за производство на електрична енергија, како за сопствена употреба, така и за продажба на слободен пазар. Кога станува збор за фотоволтаиците, во банката имаме акумулирано искуство во финансирањето на овие инвестиции и специјализиран кадар што ја разбира технологијата. Праксата покажа дека компаниите со расположлива кровна површина, кои се дневно енергетски интензивни, како на пример сите типови производствени погони, но и услужни или трговски дејности, се соодветни за овој тип инвестиција. Притоа, финансискиот ефект од инвестицијата е исклучително поволен и повратот изнесува меѓу 5-7 години. Затоа, во последните неколку години, преку едукативни работилници и директни состаноци со клиентите, континуирано ја промовираме идејата за инвестицијата во фотоволтаици за сопствена употреба и ги истакнуваме нејзините економски и еколошки придобивки. Освен поволните услови за финансирање, на нашите клиенти им ја нудиме и можност да изберат меѓу неколку домашни фирми изведувачи по принципот „клуч на рака“, со кои ПроКредит банка има склучено договор за соработка. Овој пристап дава добри резултати, па така, во последниве две години финансирани се околу 30 централи со капацитет од 6 МW. Oчекуваме интересот за оваа инвестиција да расте во следниот период.
Во однос на вкупното зелено портфолио, досега имаме исплатено преку 150 милиони евра во делот на енергетско ефикасни проекти, обновливи извори на енергија и проекти за заштита на животната средина. Само во тековната 2021 година, вкупните исплати во зелени кредити се околу 24 милиони евра. На пример, само со тие исплати од 2021 година во финансирањето зелени инвестиции направени се заштеди од 11.000 tCO2 на годишно ниво, што е еднакво на CO2 емисии од 5.500 возила возени во една година.
Би прашале зошто е важно тоа? За жал, ние како држава, сѐ уште најголемиот дел од производството на електрична енергија го добиваме преку употреба на јаглен, кој има најголем удел во емисијата на стакленички гасови. Од друга страна, со новата стратегија на ЕУ, за целосна CO2 неутралност до 2050 година, значи дека старите практики на производство на енергија треба да се отфрлат и целосно да се заменат со обновливи извори на енергија. Како земја-кандидат за членка на ЕУ, треба да ја следиме таа стратегија. Но, независно од државните стратегии, сѐ уште често се соочуваме со голема загаденост, посебно во одредени делови од годината. Поради тоа, секој вид инвестиција, која на каков било начин би придонела кон заштеда на енергија или производство на истата, без емисија на штетни гасови, е иднината кон која мора да се стремиме. Тука е нашата улога како банка да ги промовираме овие проекти, да знаеме соодветно да го процениме нивниот потенцијал и да бидеме дел од нивната успешна имплементација на крајот.