ФОКУС: Земјоделието и сточарството се гранки кои се глобално битни и од економска гледна точка, но и од општествена, како основен извор на храна за населените. Дали оваа дејност има какво било влијание врз животната средина и колку е ова значајно кога станува збор за климатските промени?
Милан ДАМЧЕВСКИ: Земјоделието и сточарството се едни од гранките што ПроКредит банка ги финансира со голем степен на успешност. Нашата кредитна технологија, но, пред сѐ, деталното знаење и разбирање на потребите во дејноста, нѐ прави лидери во финансирањето на овој сегмент. Станува збор за активност, која, како на глобално ниво, така и кај нас, е исклучително важна во обезбедувањето храна за населението, но и деловно, бидејќи обезбедува егзистенција за голем дел од населението на нашиот пазар.
Глобално, континуирано расте консумацијата на храна, а со тоа расте и потребата од зголемено производство на истата. Така, годишното консумирање месо двојно се зголеми во последните 20 години, што придонесе за зголемување на потребата за сточна храна во земјоделието. Земјоделието и сточарството како дејност, во зависност од начинот на производство што се применува, може да има значајно влијание врз животната средина, но и врз општеството од повеќе аспекти, како на пример почвата, водата, воздухот, емисијата на стакленички гасови, прекумерна употреба на антибиотици во сточарството и здравјето на населението.
ФОКУС: За какви влијанија и ризици станува збор?
Милан ДАМЧЕВСКИ: Традиционалниот и интензивен начин на земјоделие и сточарство има значаен импакт на биодиверзитетот. Од една страна, прекумерната употреба на пестициди и вештачки ѓубрива што се користат во класичното интензивно земјоделие претставуваат ризик за квалитетот на подземните води, реките и езерата и може да придонесат до нарушување во нивниот биосистем. Дополнително, значаен дел од годишната употреба на свежа вода за пиење, како на глобално ниво, така и кај нас се користи за потребите на земјоделието и сточарството. Од друга страна, како последица на климатските промени и намалувањето на интензитетот на врнежи, водата ќе станува сѐ понедостапна за користење во агросегментот, што во последните години веќе се забележува и во нашиот регион.
Покрај тоа, една од најголемите причини за намалување на фондот на шумите на глобално ниво е токму земјоделието и сточарството, каде што за да се ослободат нови пасишта или земја, расположлива за одгледување храна, се оди кон масовна сеча на дрвјата.
Кога станува збор за сточарство, заради интензивниот начин на одгледување на животните, се употребува високо ниво антибиотици, каде што се проценува дека доминантен дел од глобалното произведени антибиотици се користат за третирање на стоката. Ова има значајно влијание врз здравјето на луѓето бидејќи месото, претходно интензивно третирано со антибиотици, креира резистентност кај луѓето од разни други антибиотици потоа.
Последно треба да се има предвид дека околу 14 % од годишната емисија на стакленичките гасови што придонесуваат на климатските промени, се должи на активности во земјоделието и сточарството.
ФОКУС: Имајќи предвид дека бројот на населението ќе расте и во иднина, како би бил процесот на производство на храна при тоа намалувајќи го притисокот на животната средина?
Милан ДАМЧЕВСКИ: Одржливото земјоделие е глобален одговор на импактот со кој се соочуваме заради интензивниот индустриски модел на земјоделие. Од една страна, станува збор за применети технологии со кои ефикасно ќе се користи водата во земјоделието, ќе се намали употребата на пестициди и вештачки ѓубрива, а со тоа и загадувањето и осиромашувањето на водата и почвата ќе се сведе на минимум, без притоа да се одрази значајно на степенот на продуктивност. Од друга страна, треба да се има предвид економската стабилност на земјоделците и фармерите и да им се помогне за да ги унапредат техниките за работа во овој процес на транзиција.
Така, во доменот на наводнување постојат повеќе технологии, како на пример системот капка по капка, кој ефикасно ја користи водата, сведувајќи ги загубите на вода на минимално ниво. Во делот на обработка на почвата, технологијата што се применува може да влијае врз степенот на употреба на ѓубривата. Колку подлабоко почвата се ора, толку повеќе се губат хранливите својства на истата и притоа се зголемува потребата од користењето дополнителни ѓубрива.
Како алтернатива, органското земјоделие е практика во која се исклучува употреба на синтетички пестициди и ѓубрива. Во овој дел, имаме големи потенцијали и во нашата земја, пред сѐ поради тоа што имаме предели со релативно квалитетна почва, и сѐ уште поволна клима. Дополнително, за продуктите од органско производство има сѐ поголем интерес на пазарот меѓу потрошувачите.
Покрај тоа, хидропониката е друг позитивен пример за одржлив начин на земјоделие, кој овозможува одгледување земјоделски производи, без употреба на почва, користејќи вода збогатена со минерали неопходни за развој и зреење на растението. Покрај бенефитите од аспект на животната средина, со користење на ваков начин на производство, продуктивноста е неколкупати поголема за разлика од традиционалното земјоделие.
ФОКУС: Како финансискиот сектор може да го поддржи овој процес на транзиција во одржливо земјоделие?
Милан ДАМЧЕВСКИ: Процесот на транзиција од традиционалното земјоделие во одржливо земјоделие за клиентите бара ресурси, знаење и финансиска поддршка. Банките тука можат да пренесат дел од искуството и акумулирано знаење од претходно финансирани проекти и преку атрактивна кредитна понуда, да ги стимулираат своите клиенти во примена на одржливи техники во земјоделието.
Во ПроКредит банка, кредитите што се наменети за инвестиција во технологиите, со кои се овозможува одржливо земјоделие, се дел од категоријата на екокредитирање. Овие инвестиции се поддржани со повластени каматни стапки, а постои и можноста за пристап до кредитни линии со грант компонента. Дополнително, сакам да нагласам дека за овој тип инвестиции имаме олеснителни услови што ги нудиме во однос на потребното минимално обезбедување. Ова е значајно бидејќи за многу од клиентите, пречка за нови инвестиции не е секогаш висината на каматата, туку неможноста да обезбедат соодветно обезбедување за да аплицираат за кредит.
Кредитните услови заедно со нашата кредитна технологија, каде што имаме длабоко познавање за инвестициите во земјоделието, овозможуваат соодветнa проценка на инвестицијата, а се земаат предвид и ризиците со кои се соочува агро сегментот од климатските промени. Соодветно на тоа се прилагодува структурата на финансирање, начинот на отплата и грејс периодот според идните приходи на дејноста.
Она што дополнително активно го правиме е континуирано зголемување на свесноста за практикување одржливо земјоделие на нашите агро клиенти или за време на нашите редовни состаноци или преку организирани настани. Овие настани служат како платформа, на која се споделуваат позитивни искуства, овозможува промоција на клиентите и им нудат можност за вмрежување и отворање нови бизнис-хоризонти на соработка, како во земјата, така и регионално.
* Милан ДАМЧЕВСКИ – Директор на филијалата за Средни клиенти