ФОКУС: Во минатото интервју ги нагласивте црвените линии од кои не отстапувате кога станува збор за некредитирање типови дејности или инвестиции заради ефектот што тие го имаат кон животната средина. Една од нив беа и инвестициите во заштитените зони. Зошто сметате дека банките треба да внимаваат каде се лоцирани проектите што се предмет на финансирање?
Методија МИНОСКИ: Инвестициите во заштитени зони се само една од дејностите што не ги финансираме и постапката за деловна соработка ја прекинуваме уште во првиот момент кога проверуваме каде се наоѓа активноста или каде се планира да се реализира, и само доколку клиентот покрај сите наши аргументи инсистира да гради во овие зони. На сличен начин пристапуваме кога станува збор и за други дејности, како на пример игрите на среќа, тутунската индустрија, производството на пластични производи за еднократна употреба, подземните ископувања, воената индустрија, ловиштата, трговијата на дивеч и други.
Дефинирањето на заштитените зони се базира на класификација од меѓународни организации поддржани од земјите-членки на Европската Унија, Советот на Европа и Обединетите нации. Врз база на меѓународни конвенции и во соработка со локалните власти во земјите од Европа е направено мапирање на локациите со исклучителна значајност по однос нa биоразновидноста. Притоа овие локации или региони се категоризираат во неколку категории според степенот на природната или културната загрозеност, која е предмет на заштита. Тоа значи дека некои региони обезбедуваат заштита само на животинскиот свет, растителниот свет, културно-историското наследство или станува збор за комбинација на заштита на флора и фауна истовремено. Затоа, секаков тип деловна активност или нова инвестиција во една ваква средина или во нејзина непосредна близина може да го стави под знак прашање природниот баланс што постои и што е предмет на заштита. Кај нас, меѓународно дефинираните заштитени зони, за жал, не се во целост преточени во локалната регулатива. Тоа значи дека соодветните органи можат да издадат градежна дозвола и инвестицијата во заштитената зона да биде легална. Меѓутоа, за нас во ПроКредит, почитувањето на локалната регулатива е неопходен, но не и доволен критериум, кога станува збор за проценка на некоја инвестиција од аспект на еколошката прифатливост.
ФОКУС: Како изгледа тоа во пракса, како се прави проверката на клиентите, нивните инвестиции од аспект на локацијата во која се наоѓаат и за да се провери дали тие се дел од некоја заштитена зона?
Приказ на интерактивна мапа од Европската агенција за животна средина (EEA)
Методија МИНОСКИ: Користиме јавно достапни податоци и интерактивни мапи, преку кои ги проверуваме сите деловни локации, како и потенцијални инвестициски локации на клиентите пред да почнеме каква било деловна соработка. Во ситуација кога клиентот работи или планира инвестиција во некоја од најчувствителните категории на заштитени зони, од типот на строг природен резерват, Национален парк, Споменик на природата или Живеалиште на специфични видови, не почнуваме никаква соработка или, ако стане збор за потенцијална инвестиција на постоечки клиент, го информираме за еколошките ризици и инсистираме да се релоцира или да се откаже инвестицијата.
Доколку станува збор за друга категорија на заштитена зона, како што се Емералд, Натура 2000, Унеско или Рамсар, правиме соодветна проценка на типот на инвестицијата или дејноста на клиентот и она што е предмет на заштита во зоната. Оваа проценка потоа ја рефлектираме во соработката со клиентот, при што, доколку е потребно, дефинираме дополнителни услови за митигирање на социо-еколошките ризици, како услов пред исплата на кредитот, како на пример: поставување пречистителна станица за отпадни води, управување со отпадот и негово соодветно одлагање на овластени компании, мерење на степенот на аерозагадување и бучава или примена на мерки за безбедност и здравје при работа. Слично постапуваме и во фаза на изведба на инвестицијата и во периодот додека трае отплатата на кредитот, каде што преку редовен мониторинг ја следиме реализацијата на договорените социо-еколошки кредитни услови.
ФОКУС: Кои се локациите што најчесто се посакувани за инвестиција, а кои спаѓаат во заштитена зона што не е предмет на финансирање во ПроКредит Банка?
Методија МИНОСКИ: Меѓу најпознатите локации во Македонија се секако трите национални паркови и Шар Планина како четврти во блиска иднина, како и заштитени локации со исклучителна еколошка важност, како на пример Водно, катлановскиот предел, Моноспитовско Блато, Кањонот Матка, Вевчани, Езерани Преспа и крајбрежјата на природните езера.
Свесно ги потенцирав овие локации, од причина што станува збор за средини во кои може да се забележи редовна деловна активност и, за жал, во континуитет нови градежни зафати. Клиентите располагаат со сите неопходни документи, градежни дозволи за реализација на инвестицијата и формално правно не постојат пречки за спроведување на овие проекти. Сепак, за нас, неспорен факт се трајните последици што можат да настанат кон опкружувањето во фаза на реализација и оперативно работење на ваквите инвестиции. Тука најчесто станува збор за сеча на шума заради изведба на инвестицијата или пробивање пристапни патишта, пренасочување и пресушување на речните корита или прекумерно користење на водниот потенцијал, на загадување поради несоодветен третман на отпадот и отпадните води, на зголемена бучава и севкупно загрозување на и онака кревкиот екосистем, кој треба да биде заштитен во овие средини.
ФОКУС: Како реагираат клиентите кога треба да им соопштите дека нивната активност или инвестиција не може да биде предмет на финансирање од причина што се наоѓа во заштитена зона?
Методија МИНОСКИ: Голем дел од нашите тековни клиенти веќе се свесни за нашата позиција по основ на ова прашање, додека сите нови или потенцијални клиенти ги информираме за нашиот став во првиот момент кога добиваме информација за локацијата на тековната активност или локацијата на планираната нова инвестиција. Најчесто тоа се успешни компании, кои сакаат дополнително да инвестираат во градежништвото, туризмот, угостителството или во мали хидроелектрани, во некој од националните паркови или во други заштитени зони. Секако дека во услови кога инвестицијата во заштитени зони е формално легална активност, не е едноставно да се наиде на разбирање од страна на сите клиенти поради што се случува да изгубиме потенцијален клиент или да прекинеме соработка со клиенти со кои сме соработувале претходно многу години. Свесни сме за деловните последици што ги трпиме со ваквите позиции, но сметаме дека преку ваквиот начин даваме придонес за општествено одговорно и одржливо работење на нашиот пазар. Конкретно само во оваа година, заради нашата принципиелност се откажавме од финансирање на близу 10 милиони евра во финансиски успешни проекти на клиенти што планираа да инвестираат во рамките на заштитена зона. Сепак, она што нѐ радува е дека има и позитивни примери, кога клиентите ја разбираат нашата позиција и загриженост и се откажуваат од инвестицијата или одлучуваат да ја направат на друга локација. Токму овие претприемачи ни даваат надеж дека нашата принципиелност на долг рок може да направи разлика и дека ваквиот пристап на работа ќе го следат и другите банки во земјата.