Животната средина е поважна од профитот

by Fokus

Фокус: Зошто ваше интервју/излагање во „Фокус“, кога секој би очекувал банкарите да ги даваат своите изјави и интервјуа во специјализирани економски, банкарски весници и портали?

Јованка Јолеска Попoвска: Сакаме да го скршиме стереотипот каде што банката зборува само за нејзините резултати и реализиран профит.  Сакаме да зборуваме за теми кои речиси воопшто не се адресирани од банките во Македонија, а се многу критични за нашето опкружување, подигнување на општествената свест за долгорочната битка за здрава средина за живеење и ставање во втор план на краткорочните економски резултати.

А „Фокус“ е медиум кој знае да ѝ ги предочи на јавноста општествено политичките проблеми, без чие решавање нема да можеме да го подобриме квалитетот на животот во нашата земја.

Фокус: Кога станува збор за грижата за животната средина, акцентот секогаш се ставал на фирмите како еден од изворите за потенцијално еколошко и општественo негативно влијание. Но, фирмите се директно поддржувани од банките преку финансирање,  дали банките можат активно да се вклучат во борбата за зголемување на општествената и еколошка грижа преку процесите на финансирање?

Јованка Јолеска Попoвска: Банките секогаш се обидуваат да исплатат што е можно повеќе кредити и да пораснат со кредитното портфолио, притоа анализирајќи ги  само економските принципи на исплатливост на инвестицијата и сигурната наплата на кредитот. Порастот на кредитното портфолио и редовната наплата на кредитите им овозможува на банките непречено генерирање приходи и реализација на поголеми профити.

За жал, проценка од страна на банката за тоа какво е влијанието на финансираните проекти врз животната средина, во какви услови работат работниците или како дејноста придонесува кон општеството и опкружувањето речиси и да не се прави. Токму поради ваквото еднострано разбирање на кредитирањето, сведоци сме на многу финансирани инвестиции, кои придонесоа за еколошки штети или сериозно го загрозија општественото здравје и безбедноста. Во последните десет години, сведоци сме на финансирање од банки на мали хидроелектрани во Западен Балкан, кои трајно влијаеја и оставија силни последици  на биодиверзитетот, но и на населението околу овие проекти, финансирање на интензивни градења хотели и градби во заштитени зони, национални паркови, кои влијаат врз уништувањето на природата и загадување на природните ресурси („Фокус“ неодамна пишуваше за излевање на отпадни води во Мавровско Езеро и неговото континуирано загадување и пасивноста на институциите во спречување на истото).

Сево ова наведува на фактот дека банките носат сериозна општествена и еколошка одговорност преку проектите што ги финансираат со депозитите на своите штедачи. Мора да имаат филтер, кој ќе обезбеди дeка овие средства се инвестираат во долгорочно одржливи проекти. Одржливост на еден финансиран проект не значи единствено економска, туку и еколошка и социјална одржливост. Доколку само една од овие три компоненти не се исполнети, не може да стане збор за одговорено и долгорочно одржливо финансирање. За ова воопшто  не се зборува во нашиот  банкарски сектор.

Фокус: Како поконкретно изгледаат процесите кои една банка треба да ги применува за соодветна проценка на одржливоста, кои би можеле да ги имаат финансираните проекти?

Јованка Јолеска Поповска: Сеопфатниот пристап за проценка на еден клиент или проект подразбира дека банката, покрај економската исплатливост, задолжително треба да направи и анализа на влијанието врз општеството и животната средина. Тоа подразбира проверка на еколошките и општествените практики во компанијата, како на пример управувањето со отпад, загадувањето и емисијата на штетни гасови, начините и управувањето со штетни и експлозивни материи или степен на безбедност и ризик од повреди на работното место. Резултатот на овие проверки ќе дадат јасна слика и за потенцијалните еколошки и социолошки ризици што ги има компанијата, и таму каде што тие се идентификувани, кои мерки треба да се имплементираат за нивното надминување. Во најголем дел, клиентите, преку дополнителни инвестиции, се подготвени да ги надминат овие ризици и да го усогласат своето работење со меѓународните стандарди за еколошка или социјална заштита и безбедност. Треба да се нагласи дека сите оние што не покажуваат подготвеност да го сторат тоа, би биле ограничени од идна соработка со банката. Дополнително, ние во ПроКредит банка имаме и јасно дефинирана листа на дејности со кои не влегуваме во деловна соработка, и покрај тоа што тие се законски дозволени (на пример, инвестиции што се лоцирани во национални паркови и во други заштитени зони, ловишта и трговија со заштитен дивеч, инвестиции во игри на среќа, рудници и производство  на пластични производи за една употреба).

Фокус: Дејностите на листата што не ги финансирате, се легални, придонесуваат во економијата и во намалувањето на стапката на невработеност. Каде го идентификувате негативниот социо-еколошки ризик поради што се исклучени од соработка со ПроКредит?

Емилија Спировска: Заштитените зони не случајно се прогласени за заштитени поради биодиверзитетот што опстојува во тие подрачја, тој е загрозен и треба да се зачува. Секој тип на инвестиција или деловна активност, без разлика колку таа е профитабилна или вработува локално население, во голема мера може да остави трајни последици на и онака загрозениот биодиверзитет.

Производството на пластични производи за еднократна употреба, како на пример пластични чаши, прибор за јадење, сламки или кеси е дејност што не ја финансираме. Сведоци сме на степенот на штета што ни се нанесува од прекумерното количество пластичен отпад. За пластиката целосно да се разгради, треба да поминат и неколку стотици години, а во меѓувреме, таа како микропластика ни се враќа назад на трпезата преку ланецот на исхрана.

Дејностите што се занимаваат со игри на среќа се останата категорија, која поради социолошките ризици што ги носи, комплетно е исклучена за соработка од страна на банката, и покрај тоа што е законски дозволена активност.

Свесни сме дека сите овие дејности кои за пример ги наведов се законски возможни, но не се одржливи поради социо-еколошките ризици што ги носат, и ние не би сакале да имаме никаков удел во нивното финансирање.

Тоа што одредена еколошка и социјaлно штетна дејност ѝ носи  профит на една фирма, банка и пораст на  бруто домашен производ, не смее да биде оправдување за уништување на природните ресурси и одземање право на живеење во еколошки безбедна средина.

Емилија Спировска: Како можеме да го измериме ефектот од економски развој ако ги игнорираме негативните последици, како дишењето загаден воздух, пиењето загадена вода поради несоодветниот третман на отпадните индустриски/комунални води и прекумерна употреба на хемикалии во земјоделието, како и консумирање контаминирана храна со антибиотици, пестициди и микропластика?

Последиците од активностите и одлуките што ги носиме денес, не ги плаќаме само ние, туку и нашите идни генерации.

Токму затоа, банките може со одговорен пристап во финансирање на проектите директно да влијаат врз намалувањето на негативните ефекти на економски развој.

Фокус: Зошто ваквиот начин на сеопфатна проценка на одржливост на клиентите не е застапена во нашиот банкарски систем?

Емилија Спировска: Ваквиот пристап подразбира постоење структура во институцијата, обучен кадар, имплементиран систем на знаење и технологија за проценка, што бара време, ресурси и секако средства. Ваквата дополнителна проценка може да резултира со построги критериуми за кредитирање или прекинување деловна соработка со клиентите.

На и онака малиот и лимитиран пазар, ова значи свесно откажување на дел од профитот.

Прашање е дали секоја банка сака да се откаже од профитот.

ПР

Поврзани новости