Живот во болниците: Картони наместо завеси, вода од бунар наместо од чешма

by Fokus

Април е. За многумина период од годината кога заедно со природата како да се будат и луѓето, уморни од студентата зима. Но, за средовечната медицинска сестра Хава Саит Неџип, како да доаѓаат потешки времиња. Toкму овој период за неа, како и за неколкумина други нејзини колешки, доаѓаат маките со недостигот од вода на нејзиното работно место во амбулантата во Арачиново, каде работи веќе 8 години, се наведува во истражувањето на СКУП.

„Секој април па се до септември немаме вода. Но, оваа година немавме уште од март. Вода полниме од селската чешма за да ја запазиме хигиената во амбулантата. Само за чаши, раце…Така што се снаоѓаме некако“, вели Саити Неџип, која се плаши за своето здравје, но и за здравјето на пациентите со кои постојано е во контакт. Еден од нив е и градоначалникот на општината во која работи, Арачиново. Неколку пати досега вели дека апелирале до него да се реши проблемот со водата, но на тоа добиле одговор дека не се надлежни за тоа. Апелирале и до поликлиниката Бит пазар под која спаѓаат, но безуспешно, вели медицинската сестра. Најстрашно од се е тоа што тука се ставаат и вакцини за децата. Деновиве сепак имаат вода, откако медиумите пишуваа за тоа, но не знаат до кога.

„Смртоносни реформи“

Македонското здравство требаше да доживее ренесанса со најавените инвестиции и реформи како „мој термин“ или „плата по учинок“. Но, наместо тоа, во изминатите години се редеа скандали за смртните случаи, меѓу кои смртта на малата Тамара од Велес, како и бројните смртни случаи на родилки и бебиња, кои достигнаа рекорден број во 2016 година и тоа 261. Последен во низата скандали беше и случајот од пред еден месец кога двајца пациенти починаа во болничко возило кое остана на пат поради дефект. Ова го отвори прашањето во какви услови работат здравствените институции во државава?
Поголемиот дел од општите болници низ државава се градени во 70-тите, но има и такви кои се градени порано како општата болница во Кочани која датира од пред скоро еден век. Надлежните во некои од болниците кои ги контактиравме велат дека ништо не е обновено во нивниот ентериер. Кај другите, реновирањата се делумни, од кои дел и со помош на странски донации. Некои, пак, реновирањата ги правеле со сопствени средства како што е тоа случај со Општата болница во Струга.
“Во периодот од 2006 г. до 2016 г. ЈЗУ Општа болница – Струга има извршено реновирање со сопствени средства на одделенијата за хирургија, гинекологија, интерна медицина, детски болести, лабораторија, РТГ. Во последниве 10 години во зафати за реновирање се вложени ориентациона преку 150.000 евра сопствени средства“, се вели во одговорот на Општата болница во Струга, кој го добивме на нашето барање по Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Во Кичево пак, општата болница ги подновила гинеколошкото-акушерското и интерното одделение благодарејќи на холандска донација од фирмата НОВАК. Последната опрема која ја добиле од Министерството за здравство датира од пред 8 години.
„Опремата е релативно постара и амортизирана без сметководствена вредност. Последно што беше добиена опрема од страна на Министерството за здравство е во 2009 година“ велат од Општата болница во Кичево.
Во соседната општина Гостивар велат дека „во последно време ништо не е обновено во ентериерот“. А тоа се гледа и при самиот влез и куса прошетка низ болницата. Дотраена фасада и ѕидови, искршени штекери, седишта во чекалната преврзани со завои за да се прикрие нивното оштетување, искорнат и дотраен под. Но, највпечатлива е посетата во дел од тоалетите. Во еден од нив наместо завеса е ставен картон, додека кај една од чешмите со пожолтено лавабо тече вода и не може да се сопре бидејќи нема винт за да се регулира водата.

 

Поврзани новости