ЖИВОТ ОД ДЕНЕС ЗА УТРЕ

by Фокус

Велат дека секое среќно семејство има слична приказна, но дека секое семејство што се соочува со немаштија има да раскаже детали за тешкотијата во животот со кои се соочува.

Злата Стојанова од Струмица живее со нејзините два сина, едниот на 17 години, другиот на 29. Сопругот е починат.

Живеат во трошна куќичка, на еден километар од центарот на Струмица. Самиот пристап кон домот на ова семејство веќе Ви оддава впечаток дека спокојот тука тешко опстојува. Внатре условите се тешки, мизерни, некој би рекол неподносливи за нормален живот.

Злата се грижи за синовите и за внучињата од нејзината ќерка, од причина што и ќерка ѝ и зетот се невработени. Помалиот син не оди на училиште, поради немање финансиски средства.

Семејството прима социјална парична помош од околу 6.000 денари, и од редовните примања тоа е сѐ. Работа нема, ниту за Злата, ниту за останатите членови на семејството. Ги прашавме, како живеат?

DSC_0301

Одговорот на Злата беше очекуван, но во тие зборови нема утеха, ниту надеж за нешто подобро.

„Од денес за утре, од тоа што ќе помогнат добрите луѓе“, ни изјави Злата, посочувајќи дека не сака да се фотографира за нашата сторија.

„Не сакам да ме препознаваат на улица, мене или моето семејство, јас се срамам, но оваа ситуација уште потешко им паѓа на децата“.

Немаат пари за храна, облека, а не ни помислуваат на некои удопства што би требале да бидат нормален феномен за Македонија во 2015 година, да отидат на одмор, да поуживаат во работи кои се сосема за очекувани за младите луѓе.

До сега единствено во пресрет ѝ имаат излезено со помош Општина Струмица и организацијата на жени Струмица.

DSC_0293

Ги оставивме во надеж дека нашата приказна може да ја разбуди хуманоста кај луѓето. Во ова време невреме тоа би им помогнало барем малку, да минат некој ден повеќе. Она што навистина му треба на ова семејство е вработување, особено за постариот син, што би значело, редовен приход што ќе им помогне да не мислат само од денес за утре.

Сторијата е изработена во рамки на проектот „Помош за социјално ранливи групи“ поддржан од фондацијата „Отворено општетсво Македонија“

Поврзани новости