Во село Тимјаник, Неготино, ќе бидат сместени четирите деца со посебни потреби кон крајот на месецот. Сите недоразбирања со локалното население се надминати, и процесот на деинституционализацијата продолжува, со цел ниту едно дете да не остане во големите институции, туку да живее во мал групен дом.
Вчера со жителите на Тимјаник се сретна министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска. И, ако пред само неколку недели дел од тимјаничани протестираа против одлуката деца со посебни потреби да бидат сместени во објект во селото, сега сликата е сосема поинаква. Децата ќе бидат топло прифатени, а предрасудите се најверојатно надминати.
-Заедно со жителите на Тимјаник одлучивме дека сепак ќе има мал групен дом. И тие и јас веруваме дека Тимјаник ќе биде симбол на хуманоста на нашето општество и на крајот сите ќе се гордееме со тоа. Во рамките на вчерашната посета во Неготино, заедно со градоначалникот повторно се сретнавме со локалното население. Се разви многу конструктивна дискусија и жителите дадоа поддршка на она што го правиме. Недоразбирањата се веќе минато, а подготовките за малиот групен дом во Тимјаник продолжуваат- информираше Царовска.
Лошите сцени, кога дел од жителите на Тимјаник јавно порачаа дека децата не се добредојдени во селото, веќе се минато. Со темелни разговори, презентирање на фактичката состојба и детални појаснувања дека нема причини за страв и загриженсот, бидејќи сепак се работи само за деца, кои се безопасни и ќе бидат под постојан надзор од стручни лица, кај противниците на овој проект проработи хуманоста. Н
а почетокот на месецов и во Неготино беа сместени три деца со посебни потреби во мал групен дом. Тамошните жители ги прифатија децата без проблем, а луѓе кои живеат во соседството на домот велат дека дури и ги посетуваат и се спријателиле со нив.
Вики Клинчарова