Власта и опозицијата денеска во кавга за преговорите што се водат меѓу жителите на селото Слупчане и претставници на ЕВН.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ побараа одговори од министерот за економија, Крешник Бектеши и од Владата да кажат што е договорено на состаноците меѓу ЕВН и жителите на Слупчане.
-Дали владата е гарант дека во Слупчане ќе се добие гарантирана месечна наплата за струја, како што бараат од 3.000 денари без разлика колку се троши? Дали владата можеби ќе им ги плати долговите на слупчанци кон приватна фирма, бидејќи парите на крајот сепак ќе бидат наплатени? Дали владата ќе дозволи можеби повисока сметка на струја на државно ниво за да се покрие таа разлика? Ова се реални прашања од граѓаните коишто повторно се ставени во подредена состојба, во позиција од втор ред, изјави партискиот портпарол Наум Стоилковски.
Бектеши пак демантира дека некој од Владата е вклучен во преговорите.
-Тие жители се чесни, домаќини и како секој граѓанин живеат во оваа држава, ги преземаат обврските и даваат придонес – најверојатно многу поголем придонес од ВМРО-ДПМНЕ. И се многу поголеми патриоти од нив, рече Бектеши.
Инаку, денеска, како што пренесе МИА, се одржа уште еден состанок меѓу жителите на Слупчане и претставници на ЕВН. На состанокот, како што се наведува, се финализирале техничките детали за реализација на проектот за реконструкција и модернизирање на мрежата. Според најавите, в понеделник се очекува да се одржи уште еден состанок пред екипите на ЕВН да почнат да работат во селото.
Телма пак објави дека долговите ќе се плаќаат на рати откако селото и околината неколку пати остана без струја и не дозволуваа ЕВН да работи на мрежата. ЕВН пак ги обвини дека не плаќаат струја.